„Македонска крвава свадба“ во октомвриската програма на „Кинотека“


 „Кинотека“ и овој октомври нуди програма што на јасен начин сведочи за нејзината улога како централна институција на филмската меморија и културното сеќавање во земјата. Преку внимателно селектирани проекции, репертоарот гради мост меѓу старите традиции на кинематографијата и современите изрази, покажувајќи ја динамичната врска помеѓу историското и актуелното, помеѓу локалното и глобалното, информираат утрово од „Кинотека“.

– Месецот започнува со содржини од Фестивалот на нем и класичен филм. Токму преку оваа перспектива, „Кинотеката“ ја истакнува континуираната важност на архивското кино како културен документ и како естетска матрица што постојано се реинтерпретира. Во рамките на програмата, ќе биде оддадена почит на неодамна починатиот актер и холивудска легенда Роберт Редфорд, чија кариера го дефинираше модерниот американски филм од втората половина на 20. век. Неговата актерска и продуцентска дејност отвори пат кон нови наративи, а неговото присуство во киното претставуваше симбол на харизма, интегритет и авторска визија, се посочува во соопштението.

Современата светска кинематографија е претставена преку избор на култни филмови што ја одбележаа поновата филмска историја, се наведува во соопштението – францускиот „Омраза“ (La Haine) на Матје Касовиц, силна социјална драма што останува актуелна и денес, потоа експлозивниот и стилски радикален „Убиј го Бил“ на Квентин Тарантино, што ја демонстрира постмодерната игра со жанровите, како и поетичната интимност на „Изгубени во преводот“ на Софија Копола, филм што ја постави новата естетика на меланхоличниот урбан минимализам.

– Особено место имаат и македонските филмови – од реставрираната класика „Македонска крвава свадба“, што како темел на националната кинематографија и натаму го задржува својот културен и симболички капитал, до чествувањата на значајни јубилеи: 45 години од „Оловната бригада“ (1980) и 50 години од „Јад“ (1975), двата во режија на Кирил Ценевски – автор кој со својот творечки опус изгради специфичен визуелен и идеолошки јазик. Со нивното повторно прикажување, „Кинотеката“ не само што потсетува на клучните дела од историјата, туку ги репозиционира во современиот културен дијалог, се истакнува во соопштението.

Октомвриската програма вклучува и проекции на „Волчја ноќ“, што оваа година одбележува 70 години од своето создавање, како и други дела што го обликуваа профилот на македонската кинематографија: „Среќна Нова 1949“ на Столе Попов, „Денови на искушение“ на Бранко Гапо и „Ангели на отпад“ на Димитрие Османли.

– Истовремено, репертоарот нуди и увид во поновите македонски продукции, што ја рефлектираат динамиката на современите теми и жанрови: „Војната заврши“ на Митко Панов, „Три дена во септември“ на Даријан Пејовски, „Џган“ на Вардан Тозија, „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристевски и урбаниот омнибус „Скопје ремикс“ на колективот „Ново македонско видео“. Овие остварувања ја претставуваат македонската кинематографија како поле на жанровска разновидност, креативна енергија и уметничка храброст, се додава во соопштението.

Покрај редовниот репертоар, предвидено е „Кинотека“ да биде домаќин на „Фестивалот на етнолошки филм“, „Деновите на словенечки филм“ и „Ехо фестивалот“, со што програмата добива дополнителна интеркултурна димензија.

– Тие манифестации ја отвораат „Кинотеката“ кон поширокиот регионален и европски контекст, нагласувајќи ја идејата за киното како точка на културна размена и дијалог. Со ваквиот избор, октомври во „Кинотеката“ се позиционира како месец на културна платформа што го артикулира значењето на филмот како уметност и меморија, како медиум што го чува минатото, го коментира сегашното и го предвидува идното, се заклучува во соопштението.

Целосната октомвриска програма може да се види на веб-страницата на „Кинотека“.