Македонска делегација во посета на „Ада Тепе“ во Бугарија – пример за одржливо и еколошки одговорно рударство

Размена на искуства и добри практики во рударството и управувањето со природните ресурси и еколошките стандарди за да се добијат применливи решенија за Северна Македонија, е целта на стручната посета на рудникот за злато „Ада Тепе“, сопственост на канадската компанија „Dundee Precious Metals“, лоциран во општина Крумовград, во областа Карџали, Република Бугарија.
Рудникот, како што јавува известувачот на МИА, се смета за пример на одржливо и еколошки одговорно рударство, применува најстроги ЕУ стандарди за животна средина и го помага развојот на локалната заедница и бизнисите. При тоа 98 проценти од вработените се од локалното население.
-Овој рудник е признат во Европа како еден од најеколошките рударски комплекси во регионот и користи најсофистицирана опрема и технологии за управување со вода и отпад, минимизирајќи го еколошкото влијание, дури и во заштитени NATURA 2000 зони. Ние сакаме да научиме од искуства кои веќе се докажани – како компанијата одговорно соработува со локалната заедница, инвестира во развој на бизниси и инфраструктура, и создава придобивки за луѓето и економијата и како соработката на база на силни закони, услови и правила може да биде основ за одржлив сектор. Македонија е решена во идните стратегии и политики да ги предвиди сите европски правила со цел да се обезбеди дека секој развој во секторот ќе биде одржлив, еколошки одговорен и во интерес на локалните заедници и граѓаните, изјави Филип Петровски државен советник за рударство во Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, по посета на рудникот „Ада Тепе“.
Рудникот почнал со работа во 2019 година во заштитено подрачје кое е влезено во Натура 2000 еколошката мрежа. Во фазата на подготовка и одобрување биле организирани јавни расправи со жителите на Крумовград и околните села, а биле воспоставени и механизми за комуникација со населението преку информативни состаноци, отворени денови и програми за поддршка на локалниот развој.
Овој модел на вклученост придонел да се обезбеди повисока доверба и прифаќање на проектот и да се расчисти загриженоста на граѓаните, кои на почетокот не прифаќале рудник во својата околина. Имено, рудникот се наоѓа на само 3 км јужно од Крумовград, и користи иновативен пристап за управување со рударскиот отпад кој вклучува и прогресивна рекултивација на земјиштето, односно обновување на земјиштето уште за време на неговата експлоатација.
Од надлежните на рудникот изјавија дека согласно планот за негово затворање престануваат со експлоатација до март наредната година, но тоа не значи дека комплетно си заминуваат. Продолжува нивната обврска за рекултивирање на просторот на ископот на рудникот на кој ќе бидат засадени автохтони видови дрвја и ќе бидат подигнати спортско-туристички центар и кампинг. По демонтирањето на механизацијата, како и на дел од објектите изградени за потребите на рудникот, канадската компанија ќе го подари на општина Крумовград земјиштето кое што претходно го купила од државата.
Македонската делегација во рамки на интензивната програма, денеска ќе оствари средба со градоначалничката на Крумовград, Себихан Мехмед, како и со претставници на бизниси што се развиле благодарение на проекти поддржани од рудникот. Членовите на делегацијата ќе имаат можност да ја посетат и фабриката за добивање злато од руда по хидрометалуршки пат со технологијата „carbon-in-pulp“ во градот Карџали.
Северна Македонија со законите за рударство и за геологија што се во фаза на изработка, ги транспонира европските стандарди во делот на експлоатација на минерални суровини и заштитата на животната средина. Двата закона беа ставени на ЕНЕР на увид на јавноста, и како што велат од МЕРМС пристигнати се над 100-тина предлози и забелешки од кои што 20-тина ќе бидат разгледани деновиве со можност да бидат вметнати во законските решенија. Особено внимание во двата закона кои проилегоа од Законот за минерални суровини, се посветува на зајакнување на казнената политика со повеќекратно зголемување на казните.
-Целта е заеднички да се изгради најдобро можно законско решение што ќе обезбеди подобра заштита на животната средина: строги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, обврска за санација и рекултивација на терените по завршување на рударските активности, можност за преработка и искористување на минералната суровина од старите одлагалишта. Поддршка на локалните заедници: најголемиот дел од надоместоците за минерални суровини и приходите од рударството да остануваат во општините каде што се врши експлоатацијата, обврски за компаниите да инвестираат во локалната инфраструктура и социјален развој, вклучување на заедниците во процесите на одлучување. Поголема контрола и транспарентност, ефикасна регулација на рударскиот сектор со овие законски решенија што ќе обезбеди подобра заштита на природните ресурси, јавноста ќе има поголем увид во процесот на доделување концесии, посилен надзор од државни институции, се посочува од МЕРМС за новите законски решенија.
Исто така, како што наведуваат, државата очекува да се обезбеди и поголема економска корист, повисоки такси и рударски надоместоци, прецизно дефинирани права и обврски на концесионерите, поттикнување на домашни и одржливи инвестиции, унапредување на економскиот потенцијал што го носи рударството.