Македонска банкарска асоцијација: Ниту една друга банка не е изложена на ризик
Утврдените слабости во работењето на Еуростандард банка за коишто беше известено при соопштување на укинувањето на дозволата за нејзино работење, не ги отсликуваат карактеристиките на банкарскиот систем којшто се одликува со сигурност, стабилност и солвентност, соопшто денес Македонската банкарска асоцијација. Од таму нагласуваат дека ниту една друга банка не е изложена на ризик којшто може да се одрази на нарушување на нејзината стабилност и солвентност.
„Банкарскиот систем се одликува со исклучително прудентно работење и отпорност на шокови“, соопштија од МБА.
Од таму нагласуваат дека показателите за стабилност на системот недвосмислемо укажуваат дека банкарскиот систем е во одлична кондиција,способен да одговори на потребите на населението и компаниите.
„Таа стабилност се согледува преку тоа што банкарскиот систем располага со високо ниво на ликвидност, при што ликвидната актива покрива близу 60 отсто од депозитите на домаќинствата, квалитетот на сопствените средства на банкарскиот систем е исклучително висок и доминантен дел од нив од околу 90 отсто се состојат од редовниот основен капитал, како најквалитетен слој од сопствените средства на системот, а солвентноста на системот континуирано е двојно повисока од законскиот минимум од 8 отсто, при што според првичните расположливи податоци со состојба на 30 јуни 2020 година, стапката на адекватност на капиталот изнесува 17 отсто“, велат од банкарската асоцијација.
Сппоред МБА овие показатели обезбедуваат сигурност на депозитите на населението и правните лица.
„Депозитите во сите банки и штедилници се сигурни, а како и досега банките и штедилниците ќе продолжат со проширување на понудата на депозитни производи, следејќи ги современите трендови и потребите на клиентите“, велат од МБА.
Во соопштението до медиумите се вели и дека во рамките на можностите сите банки и штедилници максимално ќе се заложат да одговорат на потребите и барањата на сите физички и правни лица коишто биле клиенти на Еуростандард банка, со цел тие да продолжат непречено да ги користат банкарските услуги и производи.
„Сите банки и штедилници се на располагање за да обезбедат брза, квалитетна и ефикасна банкарска услуга, како во однос на отворањето сметки, така и за обезбедување производи за штедење или пак доколку е потребно за рефинансирање на обврските по основ на кредитни производи на клиентите на Еуростандард банка кои редовно ги подмирувале своите кредитни обврски“, велат од МБА и нагласуваат дека Фондот за осигурување на депозити располага со доволно средства и соодветно ќе започне постапка за обештетување на осигурените депозити.
Македонската банкарска асоцијација во соопштението изрази поддршка на гувернерката и тимот на Народната банка, кои во изминатиот период со соодветни и навремени мерки и измени во регулативата им дадоа поддршка на банките, а преку нив и на населението и стопанските субјекти, во надминување на проблемите предизвикани од пандемијата, а исто така, осврнувајќи се на шпекулациите дека во преговорите за формирање нова Влада се дискутира и за функцијата гувернер на Народната банка, МБА укажува дека независноста на централната банка е клучна за одржување и јакнење на стабилноста на банкарскиот систем, финансиската и севкупната макроекономска стабилност.
„Независноста на Народната банка, во ниту еден момент не треба на ниту еден начин да биде доведена во прашање. Независната и високопрофесионална централна банка е клучен двигател во чекорењето на нашата земја кон ЕУ и воопшто во меѓународните интегративни процеси на нашата економија. Силната и независна централна банка е клучен столб за стабилност, раст и развој на секоја економија и претставува јавно добро од висок интерес за секое општеството“, се вели во соопштението на Македонската банкарска асоцијација.