Македонија за државна помош издвоила 253 милиони евра, помалку од Србија, а повеќе од Косово и Албанија
Шемата за државна помош на странските инвеститори во Северна Македонија е оценета како најтранспарентна, едноставна и атрактивна, во споредба со останатите земји од регионот
Државната помош во земјите од Западен Балкан се движи од под 0,5 отсто од БДП во Косово и
Албанија, до 5,9 отсто од БДП во Србија (податоци од 2022), а Северна Македонија доделува
државна помош од 1,9 отсто од БДП или 253 милиони евра, покажува анализата што ја направи „Фајнанс тинк“ (Finance Think) заедно со мрежата на тинк тенкови од Западен Балкан, WebEcon. Студијата „Зајакнување на економиите од Западен Балкан: Атрактивност и транспарентност на
државната помош во регионот“ денеска беше презентирана во Скопје, при што како што беше посочено, целта е да се истражат видовите, износите и мерките на државна помош што
владите од шесте земји на Западен Балкан им ги нудат на домашните и странските компании,
со цел поттикнување на иновативноста, технолошкиот напредок, продуктивноста и сл.
Генерално, како што покажува анализата, во сите земји постојат голем број мерки на државна помош насочени кон три сегменти: земјоделци, домашни компании и странски компании.
„Во одредена мера, мерките се слични помеѓу земјите, особено оние што се насочени кон земјоделци и кон странските компании што оперираат во слободните економски зони. Ниската транспарентност, недостигот од информации поврзани со мерките и за износот на доделена помош е уште една сличност помеѓу анализираните земји“, беше истакнато на презентацијата на студијата.
Подетално, резултатите покажуваат дека државната помош доделена на земјоделците опфаќа
повеќе од половина од вкупниот износ на државна помош во четири земји (Косово, Босна и
Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија). Од друга страна, доделената државна помош
не може да се поврзе со зголемено растително и сточарско производство, што укажува на
потребата да се преиспита целта, моделот и начинот на распределба на овој вид државна помош. На пример, иако помошта за поддршка на растителното производство варира од
година во година, производството е релативно стабилно.
Државната помош за поддршка на домашните компании се разликува помеѓу земјите, особено
од аспект на секторот што се таргетира. Над половина од помошта за домашните компании во
Албанија е насочена кон преработувачката индустрија и туризмот. Србија е единствена земја
што издвојува поголем дел од државната помош за поддршка на развојот на мали и средни
претпријатија. Во Македонија, над 90 отсто од помошта е наменета за сите сектори, а
остатокот е насочен кон преработувачката индустрија, енергетскиот сектор и туризмот. Слично
е и во Босна и Херцеговина и Косово.
„Доделената државна помош не треба да биде социјална помош за компаниите. Таа треба да
води кон зголемена продуктивност, иновативност, конкурентност, работни места, технолошки
развој на компанијата примател и на економијата во целина“, беше посочено на презентацијата.
Притоа, како што беше истакнато, зголемениот износ на државна помош доделена за иновации е поврзан со подобар ранг на македонската економија на Глобалниот индекс на иновации. Воведувањето помош за нови старт-ап и спин-оф компании е поврзано со зголемен број новоосновани компании.
Од друга страна, иако помошта за нови вработувања и обука и специјализација на вработените контирнуирано се зголемува, продуктивноста на трудот во земјава не се подобрува.
Сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Косово, нудат широка лепеза на атрактивни
мерки за привлекување и поддршка на странски инвеститори.
Шемата за државна помош на странските инвеститори во Северна Македонија е оценета како најтранспарентна, едноставна и атрактивна, во споредба со останатите земји. Компаниите лоцирани во слободните економски зони, се ослободени од плаќање даноци на имот, корпоративен, персонален и данок на додадена вредност, добиваат поддршка за нови вработувања и субвенционирани придонеси, а уживаат и приоритетен третман при извршување на административни обврски, бесплатен приклучок до комуналии и долгорочен бесплатен закуп на земјиште. Сите странски компании, без разлика на локацијата, може да ги користат мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои според анализата опфаќаат две третини од државната помош доделена на странските инвеститори.
За другите анализирани земји, податоци за доделената помош на странски инвеститори се нецелосни (Србија и Албанија) или не постојат (Босна и Херцеговина и Црна Гора) што укажува на потребата од зголемување на транспарентноста на институциите задолжени за менацмент и контрола на овој вид помош.
Препораките од анализата се насочени кон три сегменти.
Прво, подобрување на регионалната соработка, со цел усогласување на политиките за државна помош, овозможувајќи поинтегриран пазар кој може да привлече прекугранични инвестиции и да го стимулира регионалниот развој. Ова може да се постигне преку заеднички иницијативи, размена на најдобри практики и создавање регионални фондови насочени кон заеднички предизвици
Второ, фокусирање на државната помош кон стратешки сектори, преку промовирање иновации,
дигитализација и одржливост. Во иднина, помошта треба да се насочи кон сектори како
зелени технологии, обновлива енергија и дигитална инфраструктура, со цел позиционирање
на земјите како конкурентни играчи на глобалниот пазар.
И трето, зголемување на транспареноста и отчетноста на надлежните институции преку воведување поробустни механизми за мониторинг и известување за видовите и износите на доделена државна помош, се наведува во анализата.