Македонија протера уште шест руски дипломати, остана ли некој во амбасадата?
Македонија досега протера 11 од 19 дипломати во руската амбасада

Македонија протера уште шест дипломати од руската амбасада во земјава, кои се прогласени како персона нон грата.Министерството за надворешни работи (МНР) информацијата ја сподели откако денеска бил повикан рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, кому му врачиле дипломатска нота со која дипломатите се посочени како непожелни во државата.
„Врз основа на информациите добиени од надлежните органи, посочените извршувале активности кои се во спротивност со Виенската конвенција за дипломатски односи и ќе треба да ја напуштат територијата на Република Северна Македонија во наредните пет дена“,велат од МНР.
Ова е второ протерување руски дипломати за помалку од еден месец. Кон крајот на март беа протерани петмина. Причините кои и тогаш ги соопштија надлежните беа дека тие излегле надвор од нивните дипломатски активности.
Пред последните две протерување кои опфатија 11 дипломати, според листата достапна на веб-страницата на руската амбасада, во земјава беа пријавени вкупно 19 руски дипломати, вклучувајќи го и амбасадорот на Руската Федерација во земјава, Сергеј Баздникин и двајца воени претставници.