Македонија нема да ја зафати невреме како на северозападот на Балканскиот Полуостров

Се предупредува и на можни проблеми во градските средини поради брзото истекување на водите по улиците.


Фото: Б. Грданоски

Времето денеска претпладне ќе биде сончево и топло со умерен до засилен ветер од јужен правец. Попладне и во ноќните часови, почнувајќи од запад, облачноста ќе се зголемува и ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време, силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град, информираат од УХМР.

Максималната температура ќе биде во интервал од 31 до 38 степени.

Во Скопје претпладне ќе биде сончево и многу топло со засилен југоисточен ветер. Попладне и во вечерните часови облачноста ќе се зголеми и ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и силен ветер, во делови од котлината во форма на невреме. Максималната температура ќе достигне 37 степени.

УХМР соопшти дека во 8 и 30 часот претпладнево највисока температура е измерена во Куманово 23 степени, во Скопје-Петровец, Скопје-Зајчев Рид, Виница и Дојран 22 степени, во Штип, Демир Капија и Велес 21 степен, во Кавадарци 20 степени, во Тетово, Претор, Гевгелија, Крушево 19 степени, во Охрид 18 степени, во Крива Паланка, Битола 17 степени, во Струмица, Маврови Анови, Попова Шапка 16 степени, во Лазарополе 14 и во Берово 12 степени.

Предупредување од Министерството за земјоделство

Предупредување за обилни врнежи од дожд за сабота 5 авгус. Според прогнозата УХМР најавува дека во текот на попладневните часови во сабота 5 август се очекува можност од нестабилно време со пороен дожд и грмежи, наместа во форма на невреме со интензивен дожд за кратко време (над 20 л/м2 за 6 часа), силен ветер, поинтензивни електрични празнења и услови за појава на град.
Апел до земјоделците навремено да преземат мерки за заштита на посевите, особено за пластениците, велат од таму.

Предупредување за водотеците

Од Управата за хидрометеоролошки работи со хидролошко предупредување дека порани очекуваните врнежи со голем интензитет на одредени помали сливни подрачја во вечерните часови, па и утре претпладне, можно е да дојде до истекување на помалите водотеци и суводолици, кои можат да предизвикаат локални проблеми на патната инфраструктура, а на одредени места можна е појава на одрони и свлечишта.

Исто така се предупредува и на можни проблеми во градските средини поради брзото истекување на водите по улиците.

Од секторот за хидрологија велат дека не се очекуваат интензивни врнежи како што е на северозапад на Балканскиот Полуостров, но сепак достапните модели најавуваат врнежи на целата територијата на Македонија.

Поголема внимателноист генерално е потребна на крајниот запад кај сливот на реката Радика, околу Шар Планина, Скопска Црна Гора, Осоговието и делови од Малешевските планини и Огражден, во градските и приградските средини во реоните на Тетово, Скопје, Куманово, Крива Паланка, Штип, Свети Николе, Кратово, Пробиштип и Кочани.