Македонија не ја поддржа Британија во барањето за промени во Конвенцијата за човекови права

Барањата на Британија и други земји за промена на Конвенцијата во делот што се однесува на мигрантите ги поддржаа Албанија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Хрватска


Француски жандарми го контролираат брегот во каналот Ламанш за нелегални преминувања (Фото: АФП)

 

Во времето кога во Македонија тече жестока расправа во јавноста дали е можно отфрлените мигранти од Британија да бидат префрлени овде, Скопје не го поддржа Лондон во вчерашната клучна дебата на министерскиот состанок во Советот на Европа за модернизација на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП). Британија и Данска се главните мотори за промените  во ЕКЧП во делот што се однесува за мигрантите. Македонија и Британија годинава потпишаа договор за стратешка соработа во политиката и економијата.

На состанокот на Советот на Европа во Стразбур во средата, министри за правда од 46-те земји членки на организацијата ја бранеа потребата од ревидирање на Европската конвенција за човекови права за модерното време.

Ова се случи шест месеци откако девет земји – вклучувајќи ги Италија, Данска, Полска и Белгија – објавија писмо во кое ја критикуваат ЕКЧП за поставување „премногу ограничувања“ на нивната моќ да протеруваат луѓе од нивните територии.

Меѓу 27-те држави кои ги поддржуваат промени во конвенцијата се пет наши соседи: Албанија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Хрватска. Другите земји се: Данска, Италија, Австрија, Белгија, Бугарија, Чешка, Естонија, Финска, Унгарија, Исланд, Ирска, Латвија, Литванија, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Романија, Сан Марино, Словачка, Шведска, Украина и Обединето Кралство. Овие земји ги наведува британската влада во соопштението за заедничката изјава усвоена на министерскиот состанок во Стразбур. Оваа поделба значи и силно разидување на македонските власти со владата на Виктор Орбан по прашањето на миграцијата, иако во најголемиот дел од политичките сегменти се усогласени.

Овие земји бараат промени во Конвенцијата поради тоа, како што наведуваат во зњеничкото соопштение „нашите влади имаат должност да ги гарантираат човековите права и основните слободи на нашето население, вклучително и правото да живеат во мир, слобода и безбедност, да ги зачувуваат вредностите на нашите општества и ефикасно да ги штитат границите, да спречуваат незаконски преминувања на границите и да се борат против мрежите за шверц на мигранти. Сепак, правата и слободите на нашето население се доведени во прашање од: луѓе кои ја искористуваат нашата гостопримливост со извршување на сериозни кривични дела; трговија со луѓе и инструментализација на мигрантите“.

Европските министри во средата во Стразбур се согласија да преговараат за нов пристап кон главниот договор за човекови права на континентот – ЕКЧП, што би го олеснило депортирањето на нелегалните мигранти. Одлуката доаѓа во време кога сè повеќе влади тврдат дека договорот ја ограничува нивната способност да ги контролираат своите граници.

Земјите членки – 46, сега ќе работат на усвојување „политичка декларација“ за прашањето на миграцијата на самитот следниот мај.

Ален Берсе, генерален секретар на Советот на Европа, кој ја надгледува конвенцијата, рече дека земјите-потписнички не бараат самиот договор да се преработи.

„Тоа беше почеток на процес, врз основа на консензус, бидејќи тоа е единствениот начин да се постигне одреден напредок“, им рече тој на новинарите по состанокот во среда.

Разговорите се одржаа во време кога Европа продолжува да ја заострува миграциската политика. Еден од признатите шампиони во заострувањето на миграциската политика е социјалдемократската влада на Данска на чело со премиерката Мете Фредериксен. Таа постигна значителни успеси во намалувањето на миграцијата и нејзиниот пример сакаат да го копираат многу европски влади, а пред сѐ, британската.

На почетокот на декември, земјите-членки на Европската унија се согласија да ги олеснат депортациите во трети земји кои не се дел од ЕУ. Меѓу тие трети земји може да е и Македонија.

„хиерархија на луѓе“ додека се обидуваат да се справат со миграцијата преку ограничување на основните права, изјави највисокиот европски функционер за човекови права.

Мајкл О’Флаерти, комесарот за човекови права на Советот на Европа, рече дека „политичарите со среден став“ играат во рацете на популистичката десница.

Во разговор за „Гардијан“, тој ја посочи „мрзливата корелација“ на миграцијата и криминалот како пример. „Ова не одговара на реалноста“, рече тој.

„За секој отстапен сантиметар, ќе има уште еден побаран сантиметар“, рече тој. „Каде запира тоа? На пример, фокусот во моментов е во голема мера на мигрантите. Но, за кого ќе станува збор следниот пат?“

О’Флаерти рече дека е „многу важно“ политичарите да го истакнат значењето на основните принципи на ЕКЧП, како што е тоа дека луѓето се еднакви во однос на универзалноста на човековите права.

„Идејата дека би создале или поттикнале впечаток за хиерархија на луѓе, некои позаслужни од другите, е навистина многу, многу загрижувачка“, рече тој.

Во последниве години, врската помеѓу Европската конвенција за човекови права и националните мерки за контрола на миграцијата стана предмет на интензивна политичка дебата во многу земји-членки на Советот на Европа. „Прашањата за миграцијата се високо на агендата на земјите и луѓето низ цела Европа“, рече Берсет пред состанокот.

„Европската конвенција за човекови права ја обезбедува рамката што ни е потребна за ефикасно и одговорно решавање на овие прашања. Нашата задача не е да ја ослабнеме конвенцијата, туку да ја одржиме силна и релевантна – да обезбедиме дека слободата и безбедноста, правдата и одговорноста се во рамнотежа.“

Според различни извори цитирани од правни аналитичари, помеѓу 15 и 20 држави сега ја поддржуваат иницијативата што ја започнаа Данска и Италија за стеснување на начинот на кој делови од конвенцијата се применуваат во случаите на миграција.

Некои влади отидоа подалеку. Полскиот премиер Доналд Туск се закани дека ќе ја осуди конвенцијата ако пресудата што се очекува на почетокот на 2026 година за полските враќања на мигранти е спротивна на неговата влада.

Главната идеја на британскиот премиер Кир Стармер, од левичарската Лабуристичка партија, е за реформи одвнатре на Конвенцијата.

Во заедничка статија со данската премиерка Мете Фредериксен во „Гардијан“, тој тврдеше дека конвенцијата треба да се ажурира за да се справи со „масовната мобилност“ и рече дека „слушањето на легитимните загрижености и дејствувањето врз основа на нив е она што е во нашата политика“.

Британската министерка за внатрешни работи Шабана Махмуд веќе објави планови за ограничување на употребата на Член 8 во жалбите за депортација и за преиспитување на начинот на кој се применува Член 3. Таа рече дека дефиницијата на овие права „достигнала врв на апсурдност“.

„Денес се обидуваме да депортираме криминалци, но сметаме дека е невозможно бидејќи затворите во нивните матични земји имаат ќелии кои се сметаат за премногу мали, па дури и служби за ментално здравје кои се помалку ефикасни од нашите“, рече таа.

Многу правни научници го отфрлаат тврдењето дека судот ја блокира контролата на миграцијата. Професорката по право од Стразбур, Пеги Дукуломбие, за „Монд“ изјави дека за 10 години, случаите за имиграција сочинувале помалку од 2 проценти од 420.000 барања на судот и дека повеќе од 90 проценти биле одбиени како недозволени или затоа што немало прекршување.

„Човек може да не се согласи со пресудата, но овој систем нè штити сите нас“, рече таа. „Имаме многу да изгубиме со неговотоослабување“.

Селин Роменвил, професорка по право на Католичкиот универзитет во Лувен, рече дека многу напади врз судот „ја разнесуваат една пресуда без да ја стават во контекст“ и не ја земаат предвид целата судска пракса. (Љ.П.)