Македонија не е поканета во „Одборот за мир“ на Трамп. Не е ни Србија. Албанија доби покана


Фото: Б. Грданоски

 

Новите македонски власти се можеби во периметарот на администрацијата на Доналд Трамп, но не доволно блиску за да добијат покана за учество во таканаречениот „Одбор за мир“. Таму не е ни Србија, но е Албанија. 

Американскиот претседател Доналд Трамп официјално ја изложи архитектурата на „Одборот за мир“, од кој се очекува да го „исполни“ мировниот план од 20 точки за Газа. Ова се случи неколку дена откако американскиот претставник Стив Виткоф ја започна „втората фаза“ од планот со посредство на САД за ставање крај на геноцидната војна на Израел во Газа, објави Ал Џезира.

Соопштението на Белата куќа објавено во саботата ја детализира тристепената владина структура – со Одбор за мир предводен од САД на врвот и составен од милијардери и личности блиски до Израел.

Бугарскиот дипломат Николај Младенов, кој е назначен за „Висок претставник на Одборот за мир“, ќе го надгледува преминот на власта од владеењето на Хамас кон палестинска администрација на технократи предводена од Али Шат, поранешен заменик-министер на Палестинската самоуправа.

Белата куќа, исто така, објави формирање на Извршен комитет за Газа, кој ќе соработува со Канцеларијата на високиот претставник и палестинската технократска администрација наречена Национален комитет за управување со Газа.

Иако Вашингтон го претставува ова како план за „реконструкција и просперитет“, исклучувањето на Палестинците од највисокото тело за донесување одлуки сугерира дека тие ќе имаат малку влијание во одлучувањето за идната структура на управување.

Трамп сака церемонијата на потпишување да се одржи во Давос в четврток, и покрај повиците од некои од поканетите за преформулирање на условите на комитетот, објави Блумберг.

Списокот на покани за Празникот на мирот се базира на информациите на оние кои ја потврдија поканата на Трамп, но и на објавите на социјалните мрежи, па затоа списокот не е конечен: Албанија, Аргентина, Австралија, Австрија, Бахреин, Белорусија, Бразил, Канада, Кипар, Египет, Европска комисија, Финска, Франција, Германија, Грција, Хрватска, Унгарија, Индија, Индонезија, Ирска, Израел, Италија, Јапонија, Јордан, Казахстан, Кина, Мароко, Холандија, Нов Зеланд, Норвешка, Оман, Пакистан, Парагвај, Полска, Португалија, Катар, Романија, Русија, Саудиска Арабија, Сингапур, Словенија, Јужна Кореја, Шпанија, Шведска, Швајцарија, Тајланд, Турција, Обединети Арапски Емирати, Обединето Кралство, Украина, Узбекистан, Виетнам.

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, албанскиот премиер Еди Рама и словенечкиот премиер Роберт Голоб добија покани од регионот.

За новата тристепена структура на управување експертите предупредуваат дека наликува на „комерцијален протекторат“.

Трамп ги покани лидерите на Египет, Турција и Јордан да се приклучат на неговиот „Одбор за мир“ за да ја надгледуваат транзицијата во Газа по војната, според официјални лица во Анкара, Каиро и Аман.

Трамп, исто така, покани голем број светски лидери, вклучувајќи го аргентинскиот претседател Хавиер Миле и канадскиот премиер Марк Карни, да бидат дел од одборот. „Секако дека ја прифативме оваа почесна покана“, напиша на Икс унгарскиот премиер Виктор Орбан, близок сојузник на Трамп, пренесува Ројтерс.