Македонија на три фронта бара решение за преговорите со ЕУ


Македонската дипломатија работи на три фронта за да овозможи до јуни да се најде решение за спорот со Бугарија и да се отвори пат за одлуката на ЕУ за преговори за членство – со земјите членки на Унијата, со Португалија и билатерално со Софија. Според шефот на дипломатијата Бујар Османи решение може да се најде само ако се врати довербата меѓу Македонија и Бугарија, а тој планира со мали и со големи чекори, што биле пропуштени изминатите месеци, сега да се изгради. 

„Веќе го оценивме предлогот на португалското претседателство како добра основа за надминување на разликите. Пристапот на новата бугарска влада е конструктивен, особено во создавањето доверба, во реториката и во чекорите. На таа конструктивност ќе одговориме со конструктивност“, порача шефот на дипломатијата денес по Преспа форумот. 

Според него, формално-правно нема пречка новата бугарска влада да се согласи да се одржи меѓувладина конференција со Македонија, бидејќи одлука за неа постои од претходната, но не сакаше да ги зголемува очекувањата туку ќе продолжат да работат со фокус на јуни како можен рок за постигнување решение.

Тој не сакаше да ги коментира инцидентите во Хрватска кои наводно се инспирирани од политиката на Бугарија, посочувајќи дека сега кога се обидува да изгради доверба со соседната држава нема да навлегува во коментари кои нѐ влечат кон негативна реторика.