Македонија меѓу земјите со најголем пораст на бројот на затвореници


Македонија е меѓу земјите членки на Советот на Европа во кои најмногу нараснал бројот на затвореници за една година – покажа анализата на Стразбур која опфаќа 48 држави, не вклучувајќи ги тие со помалку од милион жители. Според анализата направена за 2021 година, највисока стапка на пораст на бројот на затвореници  имало во Словенија (+23%), Финска (+15%), Франција (+15%), Северна Ирска (Велика Британија) (+13%), Црна Гора (+12%), Хрватска (+10%), Турција (+9,2%), Шведска (+8,2%), Албанија (+8,2%), Унгарија (+7,9%), Ерменија (+7,9%), Латвија (+7,3%), Романија (+6,5%), Полска (+6,1%), Северна Македонија (+5,8%) и Данска (+5,5%).

Сликата за бројот на затвореници на 100.000 жители сепак е поинаква. Според неа, во 2021 година имало  981.575 затвореници во 48  земји-членки на Советот на Европа, а на врвот е  Турција со 355 затвореници на 100.000 жители. По неа најмногу затворања има во Грузија (237 на 100.000 жители), Азербејџан (217), Унгарија (194), Литванија (191), Полска (190), Република Словачка (187), Албанија (176), Чешка (175) и Летонија (172).  Најниски стапки на затворање се забележани во Република Српска (Босна и Херцеговина) (49), Финска (50), Холандија (54), Норвешка (56), Кипар (66), Словенија (66), Германија (67), Данска (71), Ерменија (72), Швајцарија (72), Шведска (76) и Ирска (76). Притоа, само Бугарија (-8%), Естонија (-6,3%) и Германија (-5,5%) пријавиле забележително намалување на бројот на затвореници. 

Во претходната година, од јануари 2020 до јануари 2021 година, целокупното европско затворање опадна поради намалувањето на уличниот криминал во контекст на ограничувањата на движењето за време на пандемијата, забавувањето на судските системи и имплементацијата на шеми за ослободување во некои земји.

„Во текот на последните 12 години, просечната европска стапка на затворања полека, но постојано опаѓа. Тој пад беше засилен во текот на 2020 година како последица на мерките за Ковид-19. Според тоа, зголемувањето во 2022 година го одразува враќањето на релативната нормалност во општествениот живот и функционирањето на европските казнено-правни системи. И покрај тоа зголемување, европската стапка на затворања во 2022 година е сè уште пониска од онаа забележана на почетокот на 2020 година, пред пандемијата. Ова укажува на продолжување на постојаниот пад забележан од 2011 година“, оцени  Марсело Аеби, раководител на истражувачкиот тим.

Поради исклучувањето на Руската Федерација од Советот на Европа, истражувањето не содржи податоци за нејзиниот број на затвореници, кои сочинуваат една третина од вкупниот број на затворската популација во земјите членки на Советот на Европа.