Македонија и уште седум земји – членки на ЕУ, заедно ќе ги развиваат пазарите на капитал

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска заедно со министрите за финансии и економија на Бугарија, Хрватска, Унгарија, Полска, Романија, Словачка и Словенија денеска во Загреб потпишаа Меморандум за разбирање за соработка во развојот на пазарите на капитал.
– Оваа иницијатива има за цел поттикнување на заедничкиот развој на националните пазари на капитал на земјите учеснички преку поблиска соработка и усогласување на регулаторните рамки, со крајна цел зголемување на ликвидноста и создавање посилни, повидливи, поефикасни и поконкурентни пазари на капитал. Со искористување на целиот потенцијал на пазарите на капитал и поширокиот финансиски сектор, земјите учеснички настојуваат да ги зајакнат своите економии и да ја продлабочат соработката, соопшти Министерството за финансии.
Кон крајот на 2024 година берзите во Братислава, Букурешт, Будимпешта, Љубљана, Скопје, Софија, Варшава и Загреб, потпишаа Меморандум за разбирање со цел зајакнување на соработката и интеграцијата на пазарите на капитал во Централна и Југоисточна Европа, со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која континуирано го поддржува овој процес, односно иницијатива.
Од МФ посочуаваат дека земјите кои денеска учествувале на потпишување на Меморандумот го потврдиле постоењето на заедничка политичка волја и визија насочена кон јакнење, поголема ефикасност и конкурентност на пазарите на капитал во земјите од Централна и Југоисточна Европа.
На тој начин, истакнуваат, се потврдува определбата за соработка со акцент на развојот на пазарите на капитал и преземање на потребните чекори за јакнење на капацитетите на пазарите на земјите од Централна и Југоисточна Европа за финансирање, поттикнување инвестиции и промовирање на одржлив економски раст.
– Меморандумот е исто така усогласен со целите на Европската Унија, особено со нејзината Стратегија за унија на штедење и инвестирање, чија цел е насочување на заштедите на домаќинствата и приватниот капитал кон пазарите на капитал за да се поттикнат инвестициите, особено во малите и средни претпријатија, да се подобрат прекуграничните текови на капитал и да се изгради подлабок, поликвиден и поотпорен пазар на капитал во рамките на Европската Унија, информира Министерството за финансии.