Македонија и Србија ќе работат на градење на ефективни служби по медицина на трудот
Северна Македонија и Србија ќе работат заедно на изградба на ефикасни механизми базирани на словачкото искуство, за унапредување на квалитетот на услуги во медицината на трудот, дигитализација на податоците за професионални болести и изградба на систем на регистар на професионални болести.
Во Деканатот на Медицинскиот факултет во Скопје денеска се одржа завршната конференција на проектот за градење на ефективни служби по медицина на трудот во Србија и Северна Македонија, со кој технички ќе се модернизираат Институтот за медицина на трудот на Северна Македонија, СЗО Колаборативниот центар, Скопје и Институтот за медицину рада „Др Драгомир Карајовиќ“, Белград.
-Реализираните проектни активности и можните идни чекори се поттик за преземање конкретни активности за поефикасни служби за медицина на трудот во нашата земја. Изразувам голема благодарност до словачките партнери кои имаа голем ангажман изминативе две години, за добиената најсовремена опрема за спирометриско тестирање и функционална проценка на видот во институтот, кој одат во прилог на поставените проектни цели, изјави директорот на Институтот за медицина на трудот, Реми Керими.
Проектот е реализиран со финансиска поддршка од Република Словачка, преку Агенцијата за меѓународна развојна соработка, Словак Аид, а во партнерство со Регионалната Агенција за развој Сенек-Пезинок, Братислава.
-Трите земји традиционално и историски имаат многу добри односи. Словачка од секогаш ја поддржувала Северна Македонија и Србија во сите сфери, вклучувајќи ја и оваа која е видлива за сите граѓани, а се однесува на здравјето. Навистина ми е драго што со овој проект технички се опремуваат и модернизираат Институтот за медицина на трудот на Северна Македонија, СЗО Колаборативниот центар, Скопје и Институтот за медицину рада „Др Драгомир Карајовиќ“, Белград, изјави амбасадорот на Словачка во земјава, Хенрик Маркус.
Александар Миловановиќ, директор на Институтот за професионално здравје на Србија, рече дека за време на проектот тие осознале колкава важност има за српското и за македонското здравство, овој регистар на професионални болести и регистарот за повреда на работно место.
-Невозможно е една Германија да има неколку илјади професионални заболувања и десетици илјади повреди на работно место, а Србија ниту едно професионално заболување или повреда на работно место, вели Александар Миловановиќ, директор на Институтот за професионално здравје на Србија.