Македонија и Романија договараат директна авиолинија
Шефот на дипломатијата на Романија, Богдан Ауреску, кој денес престојува во Македонија, договара директна авионска линија која ќе помогне да се зајакне економската и друга соработка со нашата држава.
Ауреску, по средбата со министерот Бујар Османи, ги оцени односите меѓу Романија и Македонија како „навистина одлични“ нагласувајќи дека нашата земја е втор трговски партнер на Романија од регионот, дека трговијата меѓу двете земји расте, но и натаму е мала со оглед на можниот потенцијал и изнесува 350 милиони евра на годишно ниво.
Најважна тема на средбата меѓу двата министри сепак беше руската инвазија на Украина што Романија како непосреден сосед на таа земја ја чувствува особено бидејќи досега згрижила над 700.000 бегалци, со намала да не врати ниту еден и натаму. Ауреску, кој ја нарече руската агресија врз оваа земја како илегална, нагласи дека од сите соседи на Украина што се земји членки на ЕУ Романија има најдолга граница – 640 километри – и дека досега организирала 27 транспорти за хуманитарна помош, поточно 120 камиони со неопходни производи. Во тој контекст тој и понудил на Македонија да стане дел од специјално организирана воена единица која ќе биде сместена во Романија и наедно побарал поддршка за Молдавија, без да прецизира каква, како земја загрозена од руските империјалистички амбиции покрај Украина.
Во однос на меѓусебните односи, Ауреску нагласи дека Романија е силен поддржувач на Македонија во ЕУ и дека денес ја реафирмирал поддршката на неговата земја за започнување на преговорите за членство со Македонија сметајќи дека како земја сме целосно подготвени за тоа. По руската агресија во Украина, оцени романскиот министер, проширувањето на ЕУ станува порелевантно од кога и да е .
За Османи оваа безбедносна закана покажа и колку е важна европската интеграција како силен гарант за стабилноста на целиот континент.
– Стартот на преговорите со Северна Македонија и Албанија не само што е правичен, заслужен, туку во моментов претставува и потреба или неопходен чекор во насока на засилената улога на регионот во безбедносната архитектура на континентот. Поддршката од страна на Романија за нашиот ЕУ-пристапен процес е јасна, неспорна и гласна и за тоа сакам посебно да изразам благодарност. Романија е непосреден сосед на Западниот Балкан, географски и дел од Балканскиот Полуостров, а во еден општествео-историски контекст одблиску присутна и одблиску запознаена и со односите меѓу земјите на Балканот. Оттука, поддршката на Романија има посебно значење. Уште повеќе се цени кај останатите земји од ЕУ и светот и во таа насока сакам да повторам дека за нас е важно што Романија ја имаме како пријател и подржувач, рече Османи.
Османи му се заблагодари на Ауреску вза односот кон македонското малцинство во Романија и за прогласувањето на 8 Декември како Ден на македонскиот јазик во Романија, како што рече, е важно во негувањето на културните, лингвистичките вредности на македонското малцинство во Романија.