„Економист“: Македонија е „демократија со недостатоци“, политичката култура главен проблем

Македонија е на 72. место според Индексот на демократијата, едно место погоре од лани. „Политичката култура“ има многу ниска оценка


Фото: Б. Грданоски

 

Македонија остана во групата на „Демократија со недостатоци“ во Индексот на демократија за 2022 година на лондонски „Економист“. Таа е на 72. место, едно погоре од минатогодишното рангирање, кога за прв пат по долги години излезе од групата „Хибридни режими“.

Но вкупниот скор за извештајот за 2022 е само малку повисок. Во извештајот објавен денеска Македонија има вкупен скор од 6,10 поени, додека лани имаше 6,03.

Во оваа група на земји каде има демократија со недостатоци се дури 16 држави-членки на Европската унија, а и Соединетите Американски Држави. Меѓу земјите од ЕУ се и Италија, Португалија, Грција, Чешка, Словенија, Хрватска, Бугарија, Словачка… Од регионот на Западен Балкан во истата група се и Србија (на 68 место, што е назадување од пет места во однос на извештајот од 2021), Црна Гора на 61 (која напредуваше за 13 места) и Албанија на 64 (напредуваше за четири места).

Во групата на хибридни режими е Босна и Херцеговина (97. место) и Турција, која е 103. Русија е на 146. место во групата на авторитарни режими, додека Украина е хибриден режим (87).

На листата од 167 држави каде што „Економист интелиџенс јунит“ го измерил индексот на демократијата меѓи првите шест држави се пет скандинавски земји и Нов Зеланд. По редослед: Норвешка, Нов Зеланд, Исланд, Шведска, Финска и Данска.

Како и лани, и во годинашниов извештај оценувањето за „политичката култура“ драматично го намалува вкупниот скор на Македонија. Таа е оценета со 3,13 од вкупно 10. Другите рангирања се прилично високи. Тоа за изборниот процес и плурализмот има оценка од 7,83; функционирањето на владата е оценето со 6,07; политичкото учество со 6,11; додека граѓанските слободи со 7,35.

Во целата оваа оваа група на „Демократија со недостатоци“ Македонија има најниска оценка за политичката култура. Главните актери во политичката култура се партиите и тие со нивниот начин на дејствување и реторика се главна причина за намалувањето на вкупниот скор. Да е оценката за политичка култура поголема само за еден поен, Македонија би скокнала на листата најмалку за пет места. Највисоката оценка за последните 16 години откако се мери Индексот на демократијта за Македонија беше во 2006 година, кога имаше елегантна промена на власта, додека најниска во 2016 година, кога земјата беше во криза по обелоденувањето на скандалот со прислушувањето, а во декември беа изборите.

Во оценката за Македонија на „Економист“ е напишано: „Резултатот на Северна Македонија маргинално се подобрува, од 6,03 во 2021 година на 6,10 во 2022 година, поради подобрувања во оценката за граѓанските слободи, додека има опаѓање во оценката за функционирање на владата. Парламентот на Северна Македонија го одобри непопуларниот предлог во јули, кој резултираше со кревањето на ветото на Бугарија за преговорите за пристапување на Северна Македонија во ЕУ. Предлогот беше непопуларен во јавноста поради загриженоста дека отстапките направени кон Бугарија ќе го поткопаат македонскиот национален идентитет. Во исто време, сепак, државата конечно ги објави првите официјални податоци од пописот во 2021 година и успешно ги надмина општествените и политичките прашања кои предизвикуваат голема поделба поврзани со бројот на етнички Македонци и етнички Албанци во земјата“.

Најголем дел од годинашниов извештај на „Економист“ е посветен на пропаѓањето на демократијата во Русија. „Нејзината инвазија на Украина беше придружена со целосна репресија и цензура дома. Русија долго време беше на траекторија далеку од демократијата и сега презема многу од карактеристиките на диктатурата“, пишува во извештајот. Интересно е што две третини од светското население има неутрален став или има разбирање за војната на Русија во Украина.

Бугарија има најлош резултат од кога почна мерењето на индексот на демократија во 2006, таа падна за четири места и има скор од 6,53. Под неа на листата од земјите-членки на ЕУ се Хрватска (таа има назадување од три места) и Романија, кај која нема промени.

Категоријата „Демократии со недостатоци“ го вклучува најголемиот дел од населението во светот – 37,3%, речиси исто колку и авторитарните режими (36,9%). Само 8% од светското население живее во вистинска демократија – 24 земји, што е 14,4% од држави.