Македонија добива Национален центар за вештачка интелигенција – започнува проектот „Везилка“


Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска официјално го претстави проектот „Везилка“ – Национален центар за вештачка интелигенција, капитален проект за дигиталната трансформација на Република Македонија.

Проектот, со вкупна вредност од околу 6 милиони евра, се реализира со финансиска поддршка од Европската Унија преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, а е ко-финансиран од Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ – носител на проектот.

„Ова е капитален проект со историско и национално значење – нова страница во дигиталниот развој на Македонија, во која Владата, универзитетите и индустријата заеднички градат национален систем за вештачка интелигенција, со ‘Везилка’, нашата држава станува активен дел од европската мрежа на центри за вештачка интелигенција. Ова е суштински чекор за нашата научна, технолошка и иновациска заедница,“ истакна министерот Андоновски.

Центарот ќе биде придружна единица на европската AI фабрика „Pharos“ со седиште во Грција, што на македонските институции, истражувачи, компании и стартапи ќе им овозможи пристап до европски суперкомпјутери и напредни податочни простори.

Проектот, како што посочи Андоновски, има и јасна општествена мисија – да создаде национален екосистем за одговорна и доверлива примена на ВИ во следните пет приоритетни области:

Прво и најзначајно: Јазик и култура – целта на овој проект пред се е системски развој на македонски јазични модели и дигитална заштита на културното наследство;

Понатаму, примена на ВИ во Здравство – анализа на здравствени податоци и подобрување на медицинските услуги;

Енергетика – оптимизација на производството и потрошувачката на енергија;

Јавна администрација – автоматизација на процеси и зголемена транспарентност;

Земјоделие – примена на паметни технологии за современо и одржливо производство.

„Суштината на „Везилка“ е едноставна: да создадеме интелигентни решенија кои му служат на човекот – да направиме технологијата достапна, корисна и етична“, рече Андоновски.

Дополнително, „Везилка“ ќе функционира и како центар за обука и развој на човечки капитал, каде ќе се организираат тренинзи, практични проекти и едукативни програми во областа на вештачката интелигенција.

„Создаваме систем, а не ад хок проекти. ‘Везилка’ ја симболизира нашата визија – Македонија како дигитално суверена држава со силна научна и иновациска основа. Ова е чекор со кој нашата земја станува активен партнер во европскиот технолошки простор, а не само набљудувач.“, додаде министерот Андоновски.

Тој упати јавна покана до сите академски и научни институции, како и до приватниот сектор, да се вклучат во овој национален проект со европска димензија, со цел градење на една паметна, дигитална и иновативна Македонија.

Вчера, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во обраќањето на Инвестицискиот форум ЕУ-Западен Балкан, што се одржува во Тирана, најави дека Европската Унија ќе отвори две „фабрики за вештачка интелигенција“ (центри за развој на вештачка интелигенција) во Западен Балкан.

„Ќе отвориме фабрики (центри) за вештачка интелигенција и за Западен Балкан. Ќе започнеме со две „антени“, една во Северна Македонија и друга во Србија“, како дел од поширока иницијатива за вклучување на регионот во технолошкиот развој на Европа. Ова ќе им овозможи на компаниите во сите шест земји од Западен Балкан да се поврзат со овие фабрики. Ова значи дека вашите компании ќе можат да пристапат до европската инфраструктура за вештачка интелигенција токму тука во регионот, изјави таа.

Фон дер Лајен додаде дека со други зборови, „компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга“.

„Сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа. И сакам Западен Балкан да биде составен дел од неа. Со други зборови, компјутерската моќ на Унијата ќе биде на ваша услуга, исто како што сакам иднината на вештачката интелигенција да се создаде во Европа, така сакам Западен Балкан да биде во нејзиното срце“, потенцираше таа.

Таа, исто така, најави дека целиот регион ќе биде покриен со нова брза дигитална инфраструктура, што ќе им овозможи на компаниите од сите шест земји од Западен Балкан директно да се поврзат со европските центри за вештачка интелигенција.

Димитар Трајанов, кој го води проектот на ФИНКИ, рече дека целта е да собереме доволно македонски текстови, да се дигитализираат текстови и содржини кои не се, и понатаму да се направи една добра база и квалитетен дата сет кој што ќе служи за  градење на добар јазичен модел. Покрај ова имаме и друг проект кој е финансиран од МОН. Како што појасни Трајанов, тој јазилен модел ќе биде на нашите сервери со што ќе ја задржиме нивото на приватност, на суверенитет итн, а примената во сите други области е извонредно интересна. Областите се избрани врз база на стратегијата на Смарт Македонија.