Македонците онлајн во просек купуваат еднаш до два пати во три месеци
Ковид пандемијата значајно ја промени структурата на онлајн трансакции кои ги прават Македонците и ако претходно повеќе се купуваше од надвор, сега се повеќе се свртеа локално и повеќе се купува од домашни продавници, што е охрабрувачки и во полза на домашните е-трговци, порача Нина Ангеловска од Асоцијацијата за е-трговија пред почетокот на Четвртата конференцијата за е-трговија, која оваа година, под мотото „Ready, Set, Grow“, што се организира во хибриден формат во Скопје.
– Ако пред две години структурата беше само околу 40 проценти кон дома, сега 74 проценти од вкупната вредност е кон домашни трговци. Што се однесува до растот, минатата година имавме трицифрен раст во трансакциите кон домашни е-трговци, а сега тој раст во првото полугодие изнесува 77 проценти, изјави Ангеловска.
Таа нагласи дека од податоците во Годишната анализа за е-трговија, која секоја година ја изработува Асоцијацијата за е-трговија, може да се заклучи дека македонскиот е-купувач во просек купува во три месеци еднаш до два пати, што е најмалку споредено со сите земји од Европа.
– Значи најретко купуваме онлајн или над 70 проценти од населението прави само една до две нарачки во три месеци. Најчестиот износ на нарачката е до 50 евра, исто како, што прават и соседните земји со што сме на дното во Европа по однос на висината на нарачките што ги прават. Се работи за помали трансакции. Најчесто се купува облека, спортска опрема…, што е исто и на ниво на Европа. Меѓутоа, Македонците најмалку од земјите во регионот и од Балканот купуваат онлајн мебел, производи за домаќинство и најмалку прават онлајн нарачки за храна, односно од ресторани, рече Ангеловска.
Македонците на интернет покрај тоа што купуваат онлајн, потенцира, се први во употреба на интернетот за социјални медиуми, односно за прикачување слики, текстови, лично креирани содржини и тоа драстично пред сите други земји во Европа.
– Ние сме меѓу последните заедно со земјите од регионот во користење на е-банкарство и не може да кажеме дека бележиме некој значаен прогрес во индексите за мерење на потенцијалот за развој на електронска трговија, и за мрежна подготвеност. Подготвени сме, меѓутоа имаме уште многу работа. Ние како Асоцијација сме свесни дека има бројни пречки и предизвици, продолжуваме и понатаму да работиме со многу ентузијазам за да ја промениме и да креираме поповолна клима за е-трговијата, а најважно да го искористиме овој исклучителен момент којшто го имаме за да ја забрзаме трансформацијата кон дигитално општество, рече Ангеловска.
Ако се споредиме со сите земји од регионот, потенцира таа, можеби е забележителен прогресот на Косово по однос на интернет пенетрација, која изнесува 96 проценти со што е близу до развиените земји, додека ние имаме 81 и е на исто како ниво во претходната година.
Главниот офицер за податоци во естонската Влада, От Велсберг посочи дека во Естонија повеќе од луѓето продолжуваат да ја користат е-трговијата и да пазарат онлајн што е нешто што дефинитивно го користат и се повеќе компании.
– Дигиталните плаќања и фактури веќе ги користат повеќе од 70 отсто од компаниите и сметам дека полека ќе се откажат од плаќањето во кеш, нешто зашто луѓето сметаа дека е нешто од што никогаш нема да се откажеме. Само е прашање на време кога сите ние единствено ќе користиме само платежни и кредитни картички и слични нешта,посочи Велсберг.
Илир Реџа, претставникот од германското Министерство за економски развој и соработка и Германската организација за меѓународна соработка (ГИС), посочи дека е-трговијата е голема можност за земјите од Западен Балкан.
– Веруваме дека е-трговијата е голема можност за земјите од Западен Балкан особено што сметаме дека сега е вистинското време за интер регионална соработка меѓу компаниите и асоцијациите што ги поддржуваме. Исто така, го поддржуваме и подобрувањето на правните рамки за соработка, бидејќи увидовме дека се уште има многу законски пречки што се голем проблем компаниите да работат регионално во областа на е-трговијата, рече Реџа.
На денешната конференција има пет теми кои ќе бидат организирани во вкупно 13 панел презентации, три панел сесии и еден неформален разговор. Учествуваат 28 домашни и странски говорници од вкупно 10 држави. Ќе се зборува за дигитализацијата и дигитална нација, за безбедни иновативни е-плаќања, како Ковид-19 ја промени е-трговијата и колку од овој раст е задржан во регионот и европските земји.