Македонскиот автор на трилери единствен претставник од кај нас на „Белградскиот трилер фестивал”

Деновиве во продажба на Саемот на книга од печат излезе шестиот роман на Анде Јанков, Memento Mori. Се работи за петтиот дел од серијалот за Виктор Николов и продолжение на романот „Кобајаши Мару”.
Дејството на романот се одвива во Скопје и Загреб, а во центарот на случувањата е театарската претстава „Memento Mori”, своевидна преработка на Хамлет, во изведба на битолскиот народен театар на сцената во Загреб. Паралелно со тоа, го следиме и животот на Виктор Николов, една година после случувањата во претходниот дел.
За романот, рецензентката Софија Стојков ќе напише: „Низ целото дејство во книгата провејува потребата да се остави некакво наследство и легитимитет во дела, поголеми од материјалното уживање, дури и по цена на сопствениот живот, бидејќи соочен со смртта, единственото важно прашање е каква смисла имал животот?“
Романот, како и останатите пет книги на Јанков се во издание на Антолог.
Авторот ќе има саемска промоција на книгата на 12.05. од 18 часот.
Јанков во мај ќе учествува и на првото издание на „Белградски трилер фестивал”, а промоцијата на романот „Виенски гамбит” на бугарски јазик е закажана за 22 мај во КИЦ Софија.