Макам-транс против предлогот за зголемување на акцизата на горивата
За Асоцијацијата на камионски превозници Макам-транс е неприфатлива, нерационална и несолидарна мерката што ја предложи Стопанската комора на Македонија за зголемување на акцизата на горивата, со што би можело да се соберат што поголеми средства во Буџетот и би се надминале проблемите со недостаток на средства за помош на целото стопанство.
Мак-транс денеска побара Владата да не ја прифати предложената мерка, оценувајќи дека таа нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат, а тоа, истакнуваат, може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали и средни трговски друштва и земјоделците.
– Со секоја почит за предлог на мерки кои се рационални и се однесуваат на сите, но со оваа мерка се надминуваат сите граници на рационалност и солидарност, олигарсите пак сакаат теретот да се префрли на плеќите на сите превозници, но и на сите граѓани на кои драстично се и ќе бидат намалени примањата од нето плата. Предлагаат мерка која нема заштитен механизам за да се намали влијанието на цените на сите производи кои се превезуваат , а тоа може да е иницијална каписла за појава на инфлација која ќе нанесе штета на сите микро, мали , средни трговски друштва и земјоделците, вели во пишана изјава Билјана Муратовска, генерален секретар на Макам-транс.
Таа апелира до Стопанската комора да изврши притисок до банките и другите свои членки во овие тешки времиња да преземат соодветни мерки и тие да понесат дел од одговорноста, како што истакнува, со враќање на дел од средствата кои со години ги заработуваа како екстра профит, за да можат по надминување на оваа криза пак да го прават истото.
Од Макам-транс појаснуваат дека зголемувањето на акцизата за нафтените деривати би значело постојната акциза за безоловен бензин да се зголеми за два денара на износ од 23,692 денари, акцизата за гасно масло кое се користи како погонско гориво (евродизел гориво) да се зголеми за два денара на износ од 17,121 денари, додека акцизата за гасното масло што се користи како гориво за греење (екстралесно гориво) да се изедначи со акцизата за дизел горивото , односно да изнесува 17,121 денари.
– Со предложените мерки, во просек во државниот буџет, по основ на акцизи и ДДВ од продажбата на нафтените деривати, на месечно ниво би се прибрале средства поголеми за 3,8 милиони евра, односно 46,2 милиони евра на годишно ниво. Така, микро, малите и средни бизниси, земјоделците да се жртвуваат, а на олигарсите да не им фали ни влакно од главата. Се надеваме дека оваа тешка ситуација барем малку ви покажа колку се важни превозниците, земјоделците, колку се важни сите мали бизниси кои 80 отсто го полнеа буџетот, а притоа немаа пари и средства за луксузирање туку за преживување. Крајно време е после 30 години некој од политичките партии да им каже на олигарсите ДОСТА Е, вратете нешто во стопанството и немојте да барате преку леб погача, стои во писмото од Макам-транс до премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска.