Мајката и детето биле сами и заклучени во станот пред трагедијата, партнерот задржан во полиција

Обвинителството бара одговори од полицијата и од Центарот за социјални работи што направиле околу поплаките на загинатата мајка


Местото каде загинаа жената и детето по пад оз зграда (Фото: Б. Грданоски)

 

Едно лице е задржано во полициска станица по трагичниот настан во скопско Тафталиџе, кога мајка и дете беа пронајдени мртви по пад од балкон од зграда. Како што информира Основното јавно обвинителство Скопје, по наредба на обвинител се преземаат дејствија за испитување на евентуална негова кривична одговорност, кој е партнер на жената и татко на девојчето.

„ОЈО Скопје ги издава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот. Денеска, по наредба на јавниот обвинител се вршат распити на повеќе лица кои имаат определени сознанија, се врши екстракција на податоци од мобилни телефони и се обезбедуваат снимки од видеонадзор и други снимки од неколку локации“, информираат од скопското обвинителство.

Според првичните сознанија на обвинителството, во моментот на настанот мајката и малолетното девојче биле сами во станот и заклучени од внатрешната страна. По наредба на судија на претходна постапка, денеска ќе се врши детален претрес на станот во кој живееле, кој по вчерашниот увид остана запечатен.

Вчера беше наредена и обдукција на телата на починатите.

Во врска на наводите во медиумите, но и на братот на починатата жена, дека таа и нејзината ќерка биле жртви на долгогодишно семејно насилство, од Обвинителството велат дека е побарано детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи со сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената. Дополнително, на внатрешната контрола при МВР ќе ѝ биде наредено да го испита постапувањето на полицијата по тие случаи.

Граѓаните вчера беа потресени од веста за страшната трагедија, Александар Стојаноски, брат и вујко на жртвите, синоќа на социјалните мрежи напиша „денес се случи убиство“, откривајќи дека сестрата и внуката со години трпеле страотно семејно насилство од партнерот и татко на девојчето.

Стојаноски обвинува дека државата, институциите, службите… не успеале да го запрат насилството и да ја спречат трагедијата. Тој вели дека ќе се бори докрај за правдата за неговата сестра и за внуката.

„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство. Денес потфрли МВР, социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем… После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата. Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа! Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден“, напиша Стојаноски во објавата.

(Реобјава) Жените се убивани и тепани. Огромниот дел молчат за насилството, државата исто така