Магичниот Меси ја освои Златната топка по осми пат

Новата Златна топка на Меси му ја додели Дејвид Бекам, легендарниот англиски фудбалер и сопственик на неговиот сегашен клуб


Вечерва во театарот Шателе во Париз се одржа церемонијата на доделување на Златната топка во изборот на престижниот фудбалски дневен весник Франс Фудбал, кој традиционално секоја година ги доделува признанијата за најдобрите во светот на фудбалот. Церемонијата официјално започна околу 19 часот, а преголемиот фаворит за Златната топка оваа календарска година Лео Меси ја оправда улогата.

Ова е осма Златна топка за Меси, па аргентинскиот магионичар уште еднаш му побегна на најблискиот соперник Кристијано Роналдо кој има пет Златни топки.

Единствените кои ја прекинаа нивната доминација беа Лука Модриќ во 2018 година и Карим Бензема во 2022 година. Воедно Модриќ денеска го освои десеттото место што е фантастично достигнување и така уште еднаш се најде во друштво на најдобрите. Новата Златна топка на Меси му ја додели Дејвид Бекам, сопственикот на неговиот сегашен клуб.

Во Париз пристигна и делегација од клубот, Интер Мајами, и на семејството на Меси, што дополнително ги подгреа тврдењата дека Меси е сигурен добитник на престижната фудбалска награда.

За потсетување, изборот на Франс фудбал се базира на примерок од целата минатата сезона, па така од 1 август 2022 година до 31 јули годинава се броеше Светското првенство во Катар, кое го фаворизираше Меси.

Меѓу голманите во рангирањето за наградата Лав Јасин славеше светскиот шампион со Аргентина, Емилијано Мартинез.

Треба да се спомене и дека Ерлинг Халанд ја доби наградата Герд Милер за постигнати 56 гола, а неговиот Манчестер Сити беше прогласен за најдобар тим на годината за мажи, додека за фудбалерки таа титула отиде во рацете на тимот на Барселона чија Ајтана Бонмати ја освои женската златна топка.

Таа награда ја додели најдобриот тенисер на денешницата Новак Ѓоковиќ.