Магичната атмосфера на плоштадот ја направија скопјани
Погледите и на најмладите и на најстарите, со надеж свртени кон сијаличките, ја бараат посветлата иднина или барем, посветла Нова година

Новогодишните празници ни се на прагот. Украсувањето на главниот град се случи во последен момент, но тоа не ги спречи скопјани да излезат на новогодишна прошетка на плоштадот „Македонија“, да ги поведат своите најмлади, но и милениците. Магичната, предновогодишна атмосфера ја направија токму тие, луѓето, кои излегоа да прошетаат во центарот на главниот град.
А таму, Дедо Мраз со сите се фотографира, се продаваат различни новогодшни украси и слатки стапчиња, мириса на печени костени, на варено вино…
Метеж во „тунелот на љубовта“, но и околу елката, на Камениот мост, улица „Македонија“…
Погледите и на најмладите и на најстарите, со надеж свртени кон сијаличките, ја бараат посветлата иднина или барем, посветла Нова година. Не изостануваат селфи-фотките.
Желби за година без грижи, без маски, без дистанци. Желби за топли прегратки, софри полни блиски луѓе. Се насетува желбата за неограничени патувања.
На сите им е смачена короната и сите пропратни ограничувања кои ни ги донесе последните две години.
Дополнителна радост за скопјани претставува и накитениот преуреден дел од покривот на Градскит трговски центар, каде атмосферата е магична.
Жителите на главниот град прошетаа по новогодишниот плоштад, иако одвреме-навреме проврнуваше дожд. Но, тоа даде дополнителен шмек на празничната атмосфера. Двојно се зголеми светлината, од одразот на сијаличките по влажните плочки.
Можеби токму тоа ги развесели скопјани. Видоа надеж, сфатија дека ништо не трае вечно, па нема ни глобалната пандемија.
Останува утревечер да се дочека Новата година. Може и на централниот плоштад. Забава ќе има. Можеби поскромна со домашни изведувачи, но со музика за секого.
Секако, присутните ќе треба да внимаваат на дистанцата или пак да носат маски за заштита, но ќе можат на отворено да ја дочекаат новата 2022 година. Временските прилики се задоволителни, со натпросечни температури.
Ако прошетате во вечерните часови по центарот на Скопје, ќе сфатите колку малку му треба на народот за да се развесели, да се насмее и да посака подобро утре. Среќна нека ни е Новата година!
Фото: Б. Грдановски