Мафијата во Италија ја користи пандемијата за да ги придобие граѓаните


Италијанската мафија стекнува наклонетост од локалните жители делејќи храна на сиромашните семејства во карантин кои останале без пари, предупредуваат властите.
На почетокот на изолацијата, луѓето ширум земјата пееја и свиреа на тераси и ја праќаа пораката дека се ќе биде во ред. Песната стивна и има се повеќе знаци на социјални немири затоа што значителен дел од жителите, посебно сиромашните на југот, сфаќаат дека не е се во ред.
„Луѓето на почетокот можеби се обидоа да го сочуваат ведриот дух, но сега мислите им се вратија во горчливата стварност на една ужасно кршлива земја“, вели Масимилијано Пенари, професор на Универзитетот Луис.
Минатите недели се појавија снимки на познати мафијашки банди како делат основни продукти на Италијанците кои се тешко погодени од епидемијата  во најсиромашните региони како Кампања, Калабрија, Сицилија и Пуња, пишува „Гардијан“.
„Подолго од еден месец, продавниците, кафулињата, рестораните и пабовите се затворени“, вели Никола Гратери, истражител кој се занимава со борба против мафијата и шеф на канцеларијата на обвинителот во Катанцаро.
„Милиони луѓе работат во сива економија, што значи дека не добиле никаков приход подолго од еден месец и немаат поим кога ќе мое да се вратат на работа. Владата издава ваучери за купување за да им помогне на луѓето. Ако државата наскоро не притекне во помош на тие семејства, мафијата ќе ги пружи своите услуги и ќе воспостави контрола над нивните животи“.
Се проценува дека мерките на изолација во Италија погаѓаат 3,3 милиони луѓе кои работат на црно, а од кои повеќе од милион живеат на југот од земјата.
Париде Едине, келнер од Палермо, повеќе не прима плата затоа што поради кризата затворен е ресторанот во кој работел.
„Имам сопруга и две деца  и живееме од заштеда. Но, не знам колку ќе трае таа. Барав од банката да ми даде одложување на плаќање на ратите, но ме одбија. Оваа ситуација не тера да паднеме на колена“.
Се појавија извештаи дека на сопствениците на мали продавници се врши притисок да даваат храна бесплатно, додека полицијата во некои области ги обиколува маркетите за да спречи кражби.
Има знаци дека криминалните организации ја користат ситуацијата.
Истражителите ја следат ситуацијата на Фејсбук групата Национална револуција која ги поттикнува луѓето да крадат од супермаркети.
Снимки од протестот на Сицилија поради спориот одговор на владата или тепачката
пред банката во Бари заради кредит од 50 евра, го преплавија интернетот и ја потпалија кризата, наведува „Гардијан“ и додава дека мафијата повеќе од волна е да го разгори тој оган.
Надлежните се загрижени и дека мафијата ќе го искористи порастот на сиромаштијата така што ќе регрутира луѓе во своите кланови.
„Криминалните организации имаат полно пари и луѓето може да почнат да работат за нив, а кога тоа ќе тргне, нема враќање“, вели Џовани Орсина, професор по политички науки на Универзитетот Луис во Рим.
Полицијата на Неапол минатата недела го зајакна присуството во најсиромашните квартови на градот, каде луѓето поврзани со мафијата Камора организираат куќни достави на пакети со храна. Властите веќе отвориле истрага против група луѓе кои се испитани додека делеле храна на локалните жители.
Весникот „Република“ објави дека братот на еден бос на Коза ностра наводно делел храна на сиромашните во населбата Зен, каде мафијата е присутна. Кога тоа се прочуло, мажот на Фејсбук се бранел дека се занимава со хуманитарна работа и го нападнал новинарот кој прв ја објави веста.
„Мафиите не се само криминални организации. Тоа се организации кои се стремат да владеат со територии и  пазари“, вели Федерико Варезе, професор по криминологија на Универзитетот Оксфорд.
„Коментаторите често се фокусираат на финансискиот аспект на мафијата, но забораваат дека нивната сила потекнува од тоа дали имаат локална база од која делуваат“.
„Гардијан“ пишува дека праксата на делење пакети со храна е стара колку и мафијата и дека босовите од југот на Италија обично на луѓето им се претставуваат како доброчинители и локални донесувачи на одлуки, во почетокот не барајќи ништо за возврат.
„Мафијашите ги гледаат градовите во ко и живеат како свој имот. Тие добро знаат дека ако сакаат да владеат мора добро да се грижат за жителите. И тоа го прават свртувајќи ја ситуацијата во своја корист. Во очите на народот шефот на мафијата кој ќе чукне на врата и ќе донесе храна е херој. А тој пак знае дека може да смета на нивна поддршка кога треба, на пример, мафијата спонзорира избор на политичари кои дополнително ќе ги унапреди нивните криминални интереси“, вели Гратери.
Десетина истраги на југот на Италија доведоа до апсења на политичари кои и помагале на мафијата и кои се избрани со поддршка на локалните мафијаши кои ги принудувале граѓаните да гласаат за нив во замена за услуги, како пакети храна.
Професорот Варезе вели дека пакетите кои ги дели мафијата не се подароци.
„Мафијата тоа не го прави затоа што има добро срце. Тие услуги секој ќе мора да ги плати на некој начин, со помагање на бегалец, криење оружје, дрога или слично“,
„Сетете се што му се случи на Ел Чапо, мексиканскиот бос. Шверцуваше тони кокаин и нарача убиства на стотина луѓе. но во својот град е познат по добродетелства, затоа што луѓето зборуваа дека набавува лекови за семејствата или дека гради патишта. Овде е исто“, вели Гратери.
Кабинетот на италијанскиот обвинител за борба против мафијата соопшти неделава дека босовите ќе го понудат својот капитал на претпријатијата кои подоцна ќе ги искористат за перење на профитот од криминалните активности.
„Мафиите можеби ќе најдат и други начини да ги искористат моменталните мерки и посебно во иднина, кога Италијанците ќе можат да се вратат на работа и да трошат пари, и повторно да ја вратат економијата на нозе Но, приказната за пакетите  храна во Палермо и во Неапол секако ја покажува нивната вистинска природа и говорат зошто се толку опасни“.