„М“ на Тозија во официјална конкуренција за „Златна арена“ во Пула


Македонскиот филм „М“ на режисерот Вардан Тозија ќе ја има хрватската премиера во рамките на официјалната конкуренција за наградите „Златна арена“ на 71. издание на Филмскиот фестивал во Пула кој се одржува од 11 до 18 јули. Дистописката бајка за загубеното момче во опустошениот свет на нашата блиска иднина, чиј мнозински продуцент е Дарко Попов од „Фокус Покус Филмс“, е реализирана, меѓу другите, во копродукција со хрватската продукција „4Филм“ и Хрватскиот национален аудиовизуелен центар. Актерската екипа ја сочинуваат: Матеј Сиваков, Сашко Коцев, Александар Ничовски, Камка Тоциновски, Бојана Грегориќ Вејзовиќ, Верица Недеска, Владимир Тулиев, Оливер Митковски, Мирослав Петковиќ, Жаклина Петровска, Благоја Веселинов, Борис Дамовски, Јамина Билаловиќ, Михајло Миленковски и Тони Михајловски.

Вардан Тозија со награда во Њујорк, лани

Филмскиот фестивал во Пула, со мотото „Филм под ѕвездите“, е еден од најстарите и водечките регионални фестивали. Основан во далечната 1954-та година, овој настан континуирано се одржува до денес, со две откажувања во 90-тите, за време на воените превирања низ регионот.

 

Започнат како смотра на најзначајните домашни остварувања од времињата на поранешна Југославија, во последните декади, програмата Пулскиот фестивал се трасформира и распределува во две натпреварувачки категории – за хрватска продукции и копродукции, како и интернационална селекција.

Вардан Тозија (1981, Скопје, ) дипломирал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Македонија, филмска и ТВ режија. Посетувал и предавања на правни и политички науки на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Режирал неколку кратки и документарни филмови и телевизиски серии, неговиот дебитантски игран филм АМОК (2016) премиерно бил прикажан на Меѓународниот филмски фестивал во Чикаго, а бил селектиран и на повеќе од триесет филмски фестивали низ целиот свет, вклучувајќи го и фестивалот од А-листата во Шангај. АМОК доби значајно признание од филмската критика и се здоби со бројни награди. Филмот „М“ е втор долгометражен филм на Тозија.
 
 
Кинематографер е Владимир Самоиловски, костимите се дело на Андреа Кустовиќ и Николина Костаншек, музиката е на реномираниот филмски композитор Натаниел Бергес (Nathanaël Bergèse) во соработка со францускиот ко-продуцент „Les Contes Modernes“.
Филмот е поддржан од Агенција за филм, Хрватскиот аудио визуелен центар, Косово филм центар, SACEM (Франција) ТВ ТелМа (Македонија), Agora Co-Production Market at IFF Thessaloniki 2019 ScriptTeast 2020 – Script Development Workshop (Poland, Germany, France) Sofia Meetings (WiP) at IFF Sofia 2020.