Лувр: Круната на царицата Евгенија што им падна на крадците ќе биде реставрирана


Париз – Повеќе од три месеци по кражбата на накит во Лувр, круната на царицата Евгенија, која им падна на крадцитеза време на бегството, ќе биде „целосно реставрирана“, објави денес музејот.

Во соопштението, Лувр соопшти дека круната, која била пронајдена во подножјето на галеријата Аполо откако музејот бил ограбен на 19 октомври минатата година, ја задржала речиси својата оригинална форма, „овозможувајќи ѝ целосно реставрирање“, објави телевизијата Франс 24.

Круната, која Наполеон III ја нарачал за својата сопруга Евгенија во 1855 година, била „смачкана“ кога била најдена и била „многу забележливо деформирана“.

Во соопштението, Лувр соопшти дека круната прво била оштетена кога била извадена од нејзината витрина, а потоа претрпела „силен удар“ кога паднала.

Фотографиите објавени од Лувр ја покажуваат круната смачкана, со четири гранки што првично биле прицврстени на круната одвоени од неа, но 56 смарагди останале на место и само десетина мали дијаманти од 1.354 што ја красат круната недостасувале.

Осум парчиња накит биле украдени за време на грабежот во Лувр, а вредноста на украдените предмети, вклучувајќи ја и тиарата на царицата Евгенија, која е украсена со околу 2.000 дијаманти, се проценува на 88 милиони евра. Уште не се пронајдени. Четири лица се во притвор под сомнение за вмешаност во грабежот.