Лукаревска: Плата за март не исплатиле речиси 15 илјади фирми за 54.662 вработени


Плата за март оваа година, до 15 април не исплатиле 14.998 фирми за вкупно 54.662 вработени, изјави денес на прес конференција директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање.

За февруари, пак, тоа не го сториле 3.784 фирми за 9.947 работници, рече Лукаревска.

Таа нагласи дека бројката најверојатно се должи на очекувњата за исплата на финансиската помош за исплата на плати и дека УЈП се уште не започнала со присилна наплата или со опомени за неисплатени плати. 

„Имајќи во предвид дека се очекува реализација на оваа мерка за финансиска поддршка од петтиот сет антикризни мерки, се уште немаме започнато како даночен орган да спроведуваме присилна наплата по неплатените МПИ за месец февруари 2021 и немаме спроведено опоменување за неплатените МПИ за месец март 2021“, рече Лукаревска.

Според податоците на УЈП, што ги презентираше Лукаревска, досега 124 работодавачи ја злоупотребиле финансиската поддршка за исплата на плати, односно парите за плати не стигнале до вкупно 371 вработено лице.

Во април, 43 работодавачи не исплатиле плата на 95 вработени, во мај 27 работодавачи не исплатиле плата на 51 вработен, а во јуни 44 работодавачи не исплатиле плата за 121 вработен. Во октомври, 21 работник не добиле плата од четворица работодавачи, во ноември 11 работодавачи не исплатиле плата за 30 вработени и во декември 23 работодави не исплатиле плата на 53 свои вработени.

„Оваа бројка во период во период се намалува покрај сите дејствија од наша страна како даночен орган за присилна наплата, блокирање на нивните сметки….“, рече Лукаревска.

Најави дека во соработка со Државниот инспекторат за труд продолжуваат контролите кај оние работодавачи кои ја злоупотребиле оваа помош.

Инаку, на прес-конференцијата министерот за финансии Фатмир Бесими и директорката на УЈП Лукаревска истакнаа дека барањата за финансиска поддршка ќе може да се доставуваат до крајот на овој месец.

Сите обврзници кои што ја имаат исплатено платата за февруари и март 2021 година може да испратат исправки на МПИ пресметките со внесување шифра за финансиска поддршка, а оние кои што не ја исплатиле платата треба повторно да ја поднесат пресметката, објасни Лукаревска.