„Луфтханза“ ја врати државната помош


Германската авиокомпанија „Луфтханза“ во петокот објави дека вратила милијарда евра државна помош доделена од државниот фонд на матичната земја за надминување на пандемиската криза.
„Луфтханза“ отплати заем од околу 1 милијарда евра од државната развојна банка KfW во февруари, а во октомври го исплати првиот дел од „тивкиот удел“ од фондот за економска стабилизација во корона кризата (ESF) од околу 1,5 милијарди евра.

Враќањето на преостанатите 1 милијарда евра во ЕСФ значи дека компанијата ги вратила или ги откажала сите преостанати форми на помош, пред предвиденото, се вели во соопштението.

Фондот сè уште поседува 14 отсто од директниот удел што вети дека ќе го продаде најдоцна до октомври 2023 година.

Германија, заедно со Австрија, Белгија и Швајцарија, каде што „Луфтханза“ има подружници „Аустриан ерлајнс“, „Брисел ерлајнс“ и „Свис“, и обезбедија на компанијата вкупно девет милијарди евра помош во корона кризата, а беа искористени околу 3,8 милијарди.

„Во име на сите вработени во ‘Луфтханза’ би сакал да се заблагодарам на германската влада и на германските даночни обврзници. Во најсериозната финансиска криза во историјата на нашата компанија, тие ни дадоа перспектива за иднината“, изјави извршниот директор Карстен Спор.

„Ова ни овозможи да сочуваме повеќе од 100.000 работни места“, нагласи Спор.

Враќањето на државната помош е услов за натамошна консолидација на секторот во Европа, посочува агенцијата ДПА, потсетувајќи дека авиокомпаниите не можат да се спојуваат додека државата им помага.