Лошото време било причина што Град Скопје досега не прскал против комарци
Градот Скопје бил меѓу првите општински единици што прска против комарци, а од таму сметаат дека има оркестриран напад против нив деновиве, отако речиси сите медиуми пишуваа дека годинава не е почнато со спроведување на оваа акција во финкција на заштита на граѓаните.
Со денови, сите медиуми се обидоа да дојдат до информација зошто во Скопје не е почнато со прскање против комарци, кога се знае дека секоја година тоа почнува во првите десетина денови на април. (лани првото прскање било на 13 април) Сега сме средина на мај, а првото авионско прскање е најавено за сабота (18.05) и тоа доколку дозволат временските услови. За среќа, според прогнозата на УХМР, денот ќе биде врнежлив дури во доцните попладневни часови, а утре се очекува стабилизирање на времето, што ќе продолжи и во речиси целиот ден сабота. Па затоа, веројатно Градот ќе успее да спроведе прскање против комарци.
Информацијата за прскањето во сабота, со нагласок пчеларите да ги заштитат пчелите, стигна преку Центарот за управување со кризи, што досега не било пракса.
Откако медиумите ја пренесоа информацијата, од Градот се јавија со соопштение во кое се вели:
„По неоснованите напади и лажните вести за дезинсекцијата во Скопје граѓаните да бидат спокојни бидејќи истата се реализира согласно можноста и временските услови на 18.05, но за дезинформациите јавноста мора да ја информираме тука бидејќи друг начин немаме.
Иако сме меѓу првите кои спроведуваат прскање против комарци годинава, сепак има оркестриран напад врз Скопје, а за сите други општини се молчи иако дел сè уште ни постапки немаат отпочнато.
Прилог доказ кога вршеле прво прскање останатите општини во Македонија и тоа ЈУЛИ до СЕПТЕМВРИ, а никој јавно и медиумски не креирал хистерија.
Градот Скопје спроведува мерки во согласност и рамки на роковите предвидени со Закон.
Градот Скопје ги известува граѓаните дека на 18.05.2024 година (Сабота) во раните утрински часови ќе се реализира авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје против лаври од комарци. Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши првиот нареден ден, кога ќе бидат поволни временските услови, во истиот термин.
Се замолуваат засегнатите кои во изминатите неколку дена подгреваа тензии со дезинформации, со цел наштетување на Градот Скопје, да ги информираат граѓаните дека градот Скопје е меѓу првите во Македонија кои навремено ја врши дезинсекцијата во согласност со тоа кога го дозволуваат временските услови за истото бидејќи кога времето е нестабилно и врнежливо истото не се спроведува“.
Изнасилените соопштенија од Градот Скопје се редовни откако на чело на главниот град седна градоначалничката Данела Арсовска. Информациите за тоа што се спроведува во градот со цел информирање на граѓаните доаѓаат откако нешто ќе се случи, а никако претходно. На посетите на некои проекти во реализација каде оди Арсовска, не се канат новинари, а потоа стигнуваат спакувани соопштенија со фотографии, па дури и со видео материјал. Но, така пуштените соопштенија во медиумите не се вонасока на информирање туку во прилог на пласирање реклама на политиките на градоначалничката, затоа што се одзема можноста новинарите да постават прашање за актуелниот проект или некој друг проблем. Доколку пак се пратат прашања до одделот за односи со јавност – тие не се одговараат со денови или стигнуваат само штури, флоскулни информации.
Кој подгрева тензии, останува да суди јавноста.(Б.Б.)