Лондонските полицајци не сакаат да носат пиштоли за да не завршат како нивните колеги


Лондонската полиција вчера соопшти дека некои полицајци одбиваат да вршат вооружени патроли откако колега беше обвинет за убиство на невооружен црнец. Полицаецот беше обвинет во средата за смртта на 24-годишниот Крис Каба минатиот септември.

Каба е убиен откако полицајци со неозначено возило го бркале и го запреле автомобилот што го возел. Тој бил погоден од еден куршум испукан низ шофершајбната додека седел во аудито. Случајот ги обнови обвинувањата за институционален расизам во лондонските полициски сили.

Семејството на Каба го поздрави обвинението за убиство од небрежност против полицаецот, кој не е јавно именуван. Нему му беше одредена условна кауција и се очекува да му се суди следната година. Само еден од 10 лондонски полицајци носи огнено оружје, а оние кои го носат добиваат специјална обука.

Тие мораа да повикаат колеги од соседните области за да помогнат
Силите со седиште во Лондон соопштија дека „голем број офицери донеле одлука да се повлечат од вооружените должности додека ја разгледуваат својата позиција“. Се вели дека полицајците се загрижени дека обвинението за убиство од небрежност „сигнализира промена во начинот на кој ќе се судат одлуките што ги носат во најпредизвикувачките околности“.

Би-би-си јавува дека повеќе од 100 полицајци ги предале своите дозволи за огнено оружје и дека полицијата од соседните окрузи била повикана да помогне во патролирањето во Лондон во сабота навечер. Полицијата побара од Министерството за одбрана да обезбеди помош во „борбата против тероризмот доколку е потребно“.

Барањето значи дека војниците би можеле да бидат повикани да извршуваат одредени задачи што полицијата не може да ги извршува, но тие нема да вршат рутинска полициска работа или да имаат моќ да апсат. Министерката за внатрешни работи Суела Браверман, која е задолжена за полициско работење во конзервативната влада на Обединетото Кралство, најави дека ќе го преиспита полициското работење со оружје.

Ваквите случаи се ретки
„Во интерес на јавната безбедност, тие мора да носат одлуки во неколку секунди под екстремен притисок. Тие не смеат да се плашат дека ќе завршат на обвинителна клупа поради извршување на својата должност. Полицајците кои ги ризикуваат своите животи за да нѐ заштитат ја имаат мојата целосна поддршка и ќе направам сѐ што е потребно и во моја моќ да ги поддржам“, напиша таа на X, порано позната како Твитер.

Смртоносните престрелки од полицијата во Обединетото Кралство се ретки, пишува Асошиејтед прес. Исто така, исклучително ретко се случува британските полицајци да бидат обвинети за убиство или убиство од небрежност за дејствија преземени додека биле на должност.

Во еден од ретките случаи во последниве години, полицаец беше осуден на осум години затвор во 2021 година за убиство од небрежност на Далијан Аткинсон. Поранешниот професионален фудбалер почина откако беше застрелан со пиштол за шок и клоци во главата. Полицаецот Бенџамин Монк беше ослободен од обвинението за убиство, но осуден за убиство од небрежност.