Локвенец: Имаме амбициозна временска рамка за пругата кон Бугарија
Не мал е бројот на компании што во овој момент се интересираат за учество на проектот за изградба на првите две фази од пругата кон Бугарија, вели во интервју за МИА Хари Локвенец, директор на ЈП Македонски железници Инфраструктура.
Претквалификациската фаза за овој проект, што беше отворена на 5 јануари, завршува на 15 месецов во 10 часот, кога ќе се знае колку компании вкупно пројавиле интерес за учество на тендерот со кој ќе се избере компанијата што ќе ги гради делниците Куманово-Бељаковце и Бељаковце-Крива Паланка.
Очекувањата на Локвенец се дека на крајот на февруари ќе имаат кратка листа со потенцијални изведувачи по што би следела објава на тендерот, како и работи на терен на почетокот на втората половина од годинава.
Во интервјуто со Локвенец разговаравме за плановите и роковите за изградба на трите делници од пругата кон Бугарија, очекувањата за пуштање на пругата Битола – Кременица, првичните активности за железничко поврзување на Скопскиот аеродром со главниот град, состојбата и одржувањето на пругите.
Во тек е претквалификациската фаза за тендерот за изградба на првите две делници од пругата кон Бугарија? Има ли интерес за учество и што предвидува временска рамка?
Во моментов сме во претквалификациска фаза на тендерот за изработка на првата и втората фаза од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и втората фаза од Бељаковце до Крива Паланка во должина од 34 километри. Ќе остане уште третата фаза од Крива Паланка до границата со Република Бугарија во должина од 24 километри. Тендерот за претквалификација е распишан на 5 јануари и трае до 15 февруари до 10 часот изутрината до кога ги очекуваме сите понуди, кога и ќе ја имаме информацијата колку компании пројавиле интерс и дале своја понуда.
Имаме временска рамка, која можам да ви кажам е многу амбициозна, а главен аргумент за тоа ни е искуството од минатото на кој начин нештата се случувале и колку многу тешко се стасувало и до изработка на тендерска докуметација, отворање тендер и избор на изведувач и на самиот крај реализација на изведбените работи. Нашата цел е до крај на февруари да имаме евалуирано и избрано кратка листа на квалифицирани компании кои би учествувале на главниот тендер со свои понуди. Станува збор за еден тендер во два лота. Периодот на подготовка на документација за финална понуда е 90 дена, што би значело дека до крајот на мај би требало да заврши процесот, рокот за поднесување на понудите, и после тоа останува очекувам период од две-три недели во кој би се извршила финалната евалуација и би ја добиле фирмата изведувач. Во овој момент од информациите кои можеме да ги добиеме од платформата на Европската банка за обнова и развој, каде се поднесуваат сите документи и каде се пројавува интересот преку квалификации, можам да ве информирам дека не e мал бројот на компании кои во овој момент се интересираат за учество во овој проект. Тоа за нас е исклучително важно водејќи сметка дека главната интенција ни е од што е можно поголем број компании да ја избереме најдобрата и конечно овој проект почнат уште во минатиот век да го доведеме до крај, да стане реалност за македонските граѓани и конечно да се поврземе барем на Црното Mоре, а после тоа да продолжиме со проектот за поврзување со Јадранското Mоре преку западниот крак на Коридор 8.
Каков терен за изведба им нудите на потенцијалните учесници на тендерот, работите на првата фаза беа прекинати и која е официјалната причина за тој прекин?
Како раководител на оваа компанија тука сум помалку од три месеци и поради тоа можам да го споделам само тоа дека прекинот на dоговорот за градба се случи по барање на изведувачот и претпоставувам дека станува збор за лични аргументи од страна на компанијата. Она што јас го гледам е дека за сегашниот тендер што го отвораме и за почетокот на градба за кои искрено се надевам дека ќе почне на почетокот на втората половина на годината, претпоставувам во текот на јули, е дека целата компанија и сите ангажирани околу реализацијата на овие проекти даваат сѐ од себе ова да стане реалност. Сите пречки кои ги има во моментов и би се појавиле следниот период сме во можност да ги детектираме и уште сега превентивно да ги отстраниме.
Колку е реализирано досега од првата фаза, заокружена ли е финансиската конструкција?
Според конкретните бројки од надзорниот инженер станува збор за 54 проценти реализација на градежните работи во првата фаза. Финансиската конструкција за двете фази е обезбедена преку Еврпската банка за обнова и развој која што ги има обезбедено средствата и за првата и за втората делница и во моментов се реализираат. Обезбедени се 68 милиони евра грантовски средства за втората делница, а во исто време бидејќи ја спомнуваме и третата делница преку ИПА 2 програмата 60 милиони евра инвестициски грант кои треба да почнеме да ги трошиме час поскоро.
Соработувате ли со Бугарските железници, до каде се тие со обврските од нивна страна за железничкото поврзување?
Потребата од поврзување на двете пруги преку заеднички тунел што ќе ги поврзува нашата држава со Република Бугарија само по себе подразбира потреба од креирање работна група која ќе го решава овој проблем, зборувам од технички аспект. Во моментов креирана е работната група на техничко ниво и поради корона кризата сѐ уште не е почнатата интензивно со работа, а имаме и меѓусебни контакти со директорите од бугарските железници инфраструктура. Мислам дека тие ги имаат преземено и пристапено кон обврските од нивниот дел. Според моите сознанија, станува збор за креирање на техничка и проектна документација која ќе биде потребна за реализација на овој дел од пругата.
На Коридорот 8 се очекуваат активности и за најавената пруга Кичево-Лин.
Во моментов работиме на дополнување на техничката документација која ни е потребна за реализација на овој проект. Реално фокусот ни е источното крило, но од друга страна проблемот што се појави со УНЕСКО заради трасата на овој коридор е нешто што во овој момент малку го има забавено целиот процес. Како информација за македонската јавност треба да знаеме дека проблем со трасата на територија на нашата држава нема, критериумите на УНЕСКО се 20 метри минимум оддалеченост на пругата од езерскиот брег, а проектот што го имаме ние е растојание од минимум 50 метри, така што условите што се поставени од страна на УНЕСКО се исполнети од наша страна. Проблем е точката на поврзување во Република Албанија, Лин, каде проектот во нивниот дел од целата траса е проблематичен зошто е премногу блиску до езерото и тој мора да се промени. Поместувањето на трасата изгледа мало само на прв поглед, но за да се случи тоа и за да се реализира потребно е многу километри наназад да ја промените трасата, кривините треба да имаат свој агол, косините мора да имаат одреден степен кој е дозволен според критериумите, така што, тоа што критериумите на УНЕСКО кои не се исполнети во Албанија индиректно нѐ допираат и нас заради тоа што крајниот дел на пругата околу Струга ќе мора да биде ревидиран, не знам дали ќе биде поместен или ќе се најде некакво друго решение, но во секој случај не можеме да почнеме со работа сѐ додека не го добиеме финалното решение за точката на поврзување.
Во фаза сме на обезбедување на целосната техничка документација и останатите предуслови од типот на затворање на финансиската конструкција која е неколку стотини милиони евра, со тоа што финалната проценка сѐ уште не е направена.
Ставањето во функција на пругата Битола-Кременица трае подолго време. Што е причината за тоа?
Битола-Кременица е завршена од градежен аспект минатата година, потребна е употребна дозвола која во овој момент е во фаза на издавање. Финализацијата на документацијата за издавање е во завршна фаза и моите очекувања се дека во најкраток рок, верувам дека нема да зборуваме за месеци, туку за што е можно пократок рок, ќе ја добиеме употребната дозвола и ќе почнат да се движат возовите кон Грција. Може да се очекува целосна соработка со Грчките железници бидејќи станува збор за интерес на двете држави и на двете компании.
Во неколку наврати се споменуваше железничко поврзување на Скопскиот аеродром со главниот град. Имате ли веќе некоја конкретна активност?
Во почетна фаза сме на иницијативата за изработка на проектот и негова реализација. Станува збор за иницијална идеја која се претставува неколку години во јавноста за поврзување на железничката станица Илинден со аеродромот во Скопје. На таков начин би имале директна врска помеѓу аеродромот и централната железничка станица во Скопје со неколку попатни постојки помеѓу аеродромот и Желензичката станица. На овој начин Македонски железници Инфраструктура ќе придонесе кон подобрување и зголемување на квалитетот на живот не само на граѓаните на Скопје туку и на сите за поврзувањето на аеродромот, меѓутоа и користење на јавниот превоз преку централната автобуска и железничка станица што се на исто место кон останатите точки во градот и во државата.
Во каква состојба е постоечката железничка инфраструктура и какви активности се преземаат за нејзино подобрување?
Состојбата со пругите секогаш може да биде подобра, идејата ни е со инвестиции во одржувањето на дневна основа да имаме подобрување на квалитетот и на моменталната кондиција на железничката инфратсруктура. Се обидуваме во реорганизација внатре во компанијата со обезбедување на сите потребни предуслови и од технички и од логистички аспект кон вработените за поквалитетна и поефикасна работа. Детектирани се сите проблематични точки каде треба да се реагира и се работи на дневна основа. Имаме интервенции на дневно ниво. Се обидуваме преку обезбедување на квалитетот на пругите, одржувањето преку реконструкциите кои ги правиме да ја подбриме и зголемиме брзината. Сепак станува збор за инфраструктура која го има својот почеток пред приближно 150 години. МЖ во 2023 годинаќе ја прослават својата 150-годишнина, што е исклучително голем период. Сметам дека како една од поважните институции кои раководат со дел од критичната инфраструктура ќе ги подобриме.