Лога формираше работна група за реформа на Судскиот совет по критиките на ЕК


Фото: Б. Грданоски
 
Министерот за правда Кренар Лога денеска најави формирање на работна група која ќе ги подготви измените за Законот за Судскиот совет, откако Европската комисија излезе со негативни оценки за неговата работа. 
 

Во соопштението на Министерството за правда, се посочува дека Европската комисија во Извештајот за напредокот на Македонија за 2023 година изразува сериозна загриженост за работата на Судскиот совет.

„Во клучните оценки и препораки во делот на функционирање на судството Европската комисија го повикува Судскиот совет да се залага да ја заштити независноста и интегритетот на судиите. Натаму, се нотира контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет преку контроверзна постапка со која се доведе во прашање почитувањето на законите и постапките. Обидите на сегашниот претседател да го ограничи присуството на камерите на седниците на советот се исто така нотирани, а кои благодарение на интервенциите на граѓанските организации и судско медиумскиот совет престанаа да бидат пракса. Исто така во извештајот се нотира и ниската доверба на судиите во улогата на Судскиот совет во заштита на судската независност, а согласно оценката на ризикот од корупција во судството, објавена во јуни 2023 година, со која 72 отсто од судиите не се согласуваат со ставот дека Судскиот совет ефективно ја штити судската незавиност“, се вели во соопштението од МП.

„Една од причините за испраќање на оценска мисија од страна на Европската унија за работата на Судскиот совет беа и лоцираните слабости во неговото функционирање изминатиот период.  
Со цел надминување на слабостите наведени во извештајот на Европската комисија за досегашната работа на Судскиот совет, а во рамки на надлежностите на Министерството за правда за изготвување на законите во оваа област, денес формирав работна група за изготвување на Закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, со претставници од правосудството, академската заедница и невладиниот сектор“, објави министерот Кренар Лога.
 
Со работната група  ќе претседава академик Владо Камбовски, член на Македонската академија на науките и уметностите и во неа ќе учестуваат:
 
– Маргарита Цаца–Николовска, поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур
– Бајрам Положани,  поранешен судија на Уставниот суд и професор по уставно право
– Бранко Наумовски, поранешен претседател на Уставниот суд
– Сали Мурати, поранешен претседател на Уставниот суд
– Беса Адеми, претседател на Врховниот суд 
– Јелена Кадриќ, претставник од Институтот за човекови права
– Ивана Петковска, претставник од Коалиција „Сите за правично судење“
– Џемали Саити, судија во Врховниот суд 
– Денис Прешова, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“
– Ана Павловска–Данева, професор на Правниот факултет „Јустинија Први“
– Ѓорѓи Радојков, поранешен судија
– Ивица Николовски, член на Судскиот совет  
– Јетон Шасивари, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
– Беса Арифи, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа;
– Шпенд Деваја – судија во Врховниот суд 
 
Paботната група во својата работа ќе  повикува и претставници од сите релеванти органи од областа на правосудство, стои во соопштението од Министерството за правда.