Љутков седна на фотелјата како национален координатор за култура и предизвика бура


Фото: Б. Грданоски

Разрешениот министер за култура и туризам Зоран Љутков не се врати како актер во матичниот Драмски театар туку продолжи како национален координатор за култура во Владата на ВМРО-ДПМНЕ. На неговото место беше избран Седат Сулејмани, кој претходно ја извршуваше функцијата заменик-министер. И тоа е нормално во Македонија. Заменик -министер да стане министер, а министерот -координатор. Во име на коалициските договарања и интереси.

Додека актуелниот министер Сулејмани кој споделува за средбите во неговиот кабинет на социјалните мрежи, а уште не се сретнал со новинарите ниту со директорите од културните институции, поранешниот министер Љутков во својство на национален координатор  веќе е активен во јавноста, каде што неодамна предизвика реакција од раководството на „Струшките вечери на поезијата“ (СВП) поради неговите изјави околу наводни предлози за укинување на оваа национална установа.

Реагираше и претседателката претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која изјави дека е шокантен предлогот на Министерството за култура до Владата, Струшките вечери на поезијата наместо самостојна национална установа да бидат сектор во состав на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“-Струга, оценувајќи го како некултурен однос кон институција која е синоним за промоција на културата во светот.

По посетата на НУ Струшки вечери на поезијата и средбата со раководството, Сиљановска-Давкова, која е и покровител на поетскиот фестивал, изјави дека СВП не може да се третира како административно прашање и од врвна самостојна национална установа да се сведе на одделение во друга установа затоа што, рече, 65 години СВП е синоним за светска промоција, го промовира идентитетот и нè прави посебни и познати.

– Навистина е шокантно, за мене е ова некултурен однос. Јас очекував оваа славна институција, овој славен феномен, да биде поткрепен во понатамошниот развој – финансиски, со дигитализација, со простор, со нови проекти, затоа што е препознатлив ширум светот. И вие сега, наместо да го поткрепите и поддржите, зашто тоа го заслужува, да го сведете на дел од бирократијата, на дел од организацијата, мислам дека е длабоко неразбирање на улогата, на меморијата, на успесите, на она што е сторено. Страшно е. Да дојде тоа од некоја институција што не разбира што е култура, ама да дојде од Министерството за култура – за мене е навистина целосно неразбирливо – изјави претседателката за медиумите.

Посочи дека „дури и во евроинтеграциските процеси ние добиваме посебно место, токму заради СВП“ и дека во организацијата на фестивалот е вклучен и УНЕСКО кое години наназад во партнерство со Струшките вечери на поезијата учествува во доделувањето на наградата „Мостови на Струга“ за дебитантска стихозбирка.

– Но, убедена сум дека во оваа Влада покрај премиерот седат луѓе кои ваков предлог нема да прифатат, затоа што знаат што е култура, што е национална култура, знаат што значат зад нас 65 години културна меморија, што значи врвни поети да велат дека ваков однос кон културата е инспиративен и треба да се поддржува – додаде Сиљановска-Давкова.

Допрва ќе видиме како Сулејмани како министер ќе се справи по прашањето и за Универзална која сега е обвиткана со тишина заради горештините, а роковите драматично отчукуваат, со Скопје како европска престолнина на културата за 2028, за кој проект ретко има некакви информации, претежно од кабинетот на градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, освен што го следи по некој скандал и конкурси на кој ретко сериозен се пријавува. Јавноста, исто така, не е запознаена што работи и  Координативното тело 

Сулејмани за кратко го смири и Синдикатот за култура, по отворениот дијалог за Колективниот договор за култура и Законот за култура. Ќе видиме што понатаму.

Допрва ќе видиме и како Љутков ќе продолжи како национален координатор за култура , дали ќе има затишје по бура или бурата ќе продолжи. (Л.С.)