Љутков на Светската конференција на УНЕСКО во Барселона

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја предводи македонска делегација на Светската конференција на УНЕСКО за културни политики и одржлив развој „Мондиакулт“, што од денеска до 1 октомври се одржува во Барселона, Кралство Шпанија.
Како што соопшти Министерството, Љутков на конференцијата ќе има свои обраќања на тематската сесија „Културни права и Економија на културата“ каде ќе ги претстави националните заложби за унапредување на културните права, поддршката на уметничкото творештво и развојот на културните и креативните индустрии.
-Конференцијата за отворена ја прогласи претседателот на владата на Шпанија, Педро Санчез, кој пред присутните истакна дека културата не му припаѓа на еден народ или една држава и ја истакна културата како отворена форма на дијалог. Пред присутните се обратија и министерот за надворешни работи Хозе Мануел Албарез, претседателот на Владата на Каталонија, Салвадор Иља, министерот за култура Ернест Уртасун и помошникот на Генералниот директор на УНЕСКО за култура, Ернесто Отоне, се наведува во соопштението.
На конференцијата „Мондиакулт“ ќе бидат презентирани националните, регионалните и меѓународните достигнувања во делот на културата по усвојувањето на Декларацијата „Мондиакулт“ од 2022 година, со која се дефинираат културните права и се утврдува улогата на културата „како посебна, специфична цел“ во Агендата за одржлив развој по 2030 година.
Програмата на конференцијата вклучува повеќе паралелни тематски сесии, меѓу кои: Културата и образованието, Културата и мирот, Културните права, Економија на културата, Културата и климатските активности, Културата, наследството и кризите, Културата и дигиталната трансформација и Културата и вештачката интелигенција.
-На овој најголем светски собир на министри за култура, кој се организира под покровителство на УНЕСКО, учествуваат претставници на државите членки на УНЕСКО и придружните членки, државите кои не се членки, организациите на системот на Обединетите нации, меѓународните невладини организации, граѓанското општество, приватниот сектор и други носители на одлуки и влијателни личности од областа на културата, а домаќин е Владата на Шпанија, соопшти Министерството за култура и туризам.