Љупчо Палевски сменет од претседател на Десна, ОЈО не почнало со дерегистрација


 

Љупчо Палевски не е повеќе претседател на Десна, а на сите оние кои се поврзани со убиството на Вања и Панче им се замрзнати членството и функциите. На местото на Палевски за нов претседател е избран Тони Алексовски основач и член на Десна.

 „Десна цврсто и решително продолжува по промакедонскиот курс, преку спроведување на редовните партиски активности, во прв ред борбата за зачувување на името и статусот на МПЦ – ОА, иницијативата за референдум за раскинување на штетниот антимакедонски Договор за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија, како и подготовка за претседателските и парламентарните избори“, посочуваат од партијата.

Веднаш после откривањето на убиствата имаше повици оваа партија да биде дерегистрирана. Од ОЈО велат дека таква постапка кон оваа партија не е поведена. За да се направи такво нешто треба да се исполнат одредени законски основи.