Љупчо Палевски – Палчо бара изземање на обвинителката и целото скопско обвинителство


Од почетокот на судењето за двојното убиство (Фото: Б. Грданоски)

Љупчо Палевски – Палчо, првообвинетиот за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, на денешното судско рочиште побара изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска, но и на целото скопско обвинителство.

Судијата Ивица Стефановски го одложи судењето за 3. февруари, нагласувајќи дека ќе остави време за Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски, да се произнесе по барањето за изземање.

– Се обраќам до републичкиот обвинител Љупчо Коцевски за изземање на обвинителката Жаклина Јосифовска и целото скопско обвинителство. Не сум оптимист за вашата праведна одлука, но нека остане пишан документ за криминалната истрага спроведена од вашите вработени. Предложени се докази за лажна изјава на сведок, фалсификувано вештачење на телефон и нецелосна телефонска комуникација. Јосифовска, иако ги знаела фактите, без вештачење на телефонот на сведокот, донесе сведок кој, според докази, сведочел лажно. Дополнително, криењето на оружје и нерасчистувањето дали обвинетите поседуваат оружје е сериозно кривично дело, изјави Палевски.

Тој истакна дека полицијата го информирала обвинителството дека неговиот пиштол со дозвола бил одземен шест месеци пред настанот, додека обвини дека неговиот сообвинет Боре Видевски поседува оружје кое не било евидентирано.

– Видевски поседува пиштол калибар 9мм со дозвола од 1990 година, како и ловна пушка. Но, при претрес на неговиот дом, пиштолот не е евидентиран. Ова покажува намера за креирање обвинителни акти без основа, рече Палевски.

Тој доставил слика од монитор на МВР, на која, според него, се гледа дека Видевски поседува оружје, а како доказ го добил од, како што рече, правдољубиви луѓе во МВР.

– Го прашувам обвинителот Коцевски: Каде е пиштолот ‘зброевка’ на Видевски?

Сведокот Гоце Трајковски нема да сведочи на денешното судско рочиште за убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски, информираат од Јавното обвинителство на РСМ.

Гоце Трајковски е еден од клучните сведоци во случајот со грабнувањата и убиствата на 14-годишната Вања Ѓорчевска и велешанецот Панче Жежовски. Тој требаше да се појави на рочиштето на 15 ноември минатата година, но неговата мајка Кираца Трајковска, во разговор со судијата кажа дека не можел да се јави на судската расправа поради здравствени причини – имал паничен напад и висок крвен притисок.

Инаку, Трајковски е осомничен за палење на угостителски објект во скопска Кисела Вода и до минатата недела не беше достапен за органите на прогонот. Во четвртокот самиот ѝ се предал на полицијата.

Обвинетите не се чувствуваат виновни

Судењето е во тек, а обвинетите Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, таткото на Вања, на првото рочиште се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Според обвинението, тие заедно испланирале грабнување на 14-годишното девојче со цел да изнудат откуп од член на нејзиното семејство. Панче Жежовски, пак, бил грабнат во Велес со намера да биде присилен да го предаде своето возило „Цитроен“, кое подоцна било користено за киднапирањето на девојчето во Скопје.

Вања и Панче, кои беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември 2023 година, беа пронајдени мртви на 3 декември истата година во близина на Скопје и Велес.