Љупчо Коцевски на чекор да стане нов јавен обвинител

Советот на обвинители едногласно го поддржа Коцевски. Фатиме Фетаи елиминирана поради нецелосна документација, за Лидија Раичевиќ немаше пофални зборови


Љупчо Коцевски е речиси непознат за пошироката јавност

 

Тројца кандидати – едниот елиминиран поради некомплетна документација, за вториот немаше добри зборови, за третиот сите се согласија дека треба да биде новиот државен обвинител.

Советот на јавни обвинители на денешната седница едногласно даде позитивно мислење за кандидатот Љупчо Коцевски да биде нов државен јавен обвинител и тоа мислиење да ѝ го испрати на владата, која потоа ќе го предложи во Собранието каде што се избира со 61 глас од пратениците. 

Од другите двајца кандидати, Лидија Раичевиќ не доби позитивно мислење од Советот, додека за Фатиме Фетаи не се расправаше, поради нецелосно доставена документација.

Претседателката на Советот на ЈО Душица Димитриеска, на почетокот информираше дека документите на Фатиме Фетаи се некомплетни и дека Советот не пристапува на гласање.

Советот прво расправаше за јавниот обвинител Љупчо Коцевски кој доаѓа од републичкото јавно обвинителство. Оние што зборуваа се натпреваруваа кој ќе даде подобро мислење за Коцевски. 

Членот на Советот Иџет Мемети, рече дека во овој оглас има многу мал број кандидати, односно само двајца и посочи дека во сегашниот состав Советот пред една година го избрал Коцевски за јавен обвинител во ЈОРСМ. 

„Не случајно како Совет го избравме за јавен обвинител. Мислам дека се работи за најсериозен кандидат, треба да добие позитивно мислење и посакувам да биде избран бидејќи мислам оти може да се носи со функцијата и дека може да ги сплотува состојбите во Обвинителството и тоа да може да работи, изјави Мемети.

Членот на Советот, Антонио Јолевски, за Коцевски рече дека покрај стручниот дел, се цени и делот на менаџерски и организациски способности. 

„Таму ни треба комплетна личност што ќе може да одговори и Љупчо Коцевски ги има поминато сите хиерархиски позиции и има добро познавање на состојбите. Мислам дека има коректен однос со сите вработени, што сметам дека е многу важно. Ќе го поддржам и мислам дека овој кандидат заслужува да биде избран“, изјави Јолевски.

Од седницата на Советот на јавни обвинители

Влатко Георгиевски, рече дека Коцевски освен што ги извршува редовните обвинителски функции, раководител е и на одделение за мета податоци, што е исклучително тешка и одговорна работа и е претседател на дисциплинска комисија и сетоа тоа зборува дека поседува извонредни организаторски способности за да биде успешен. 

„Од овие причини ќе го поддржам“, изјави Георгиевски.

Претседателката на Советот, Димитриеска, рече дека се работи за личност со интегритетот, етичност и стручност за функцијата што ја извршува. 

„Коцевски е јавен обвинител што гради добри односи со колегите и има добри организаторски сметам дека ги исполнува сите услови и успешно ќе ја извршува функцијата“, рече Димитриеска

Советот, потоа кратко расправаше и за Лидија Раичевиќ, која е единствениот кандидат што доставил стратегија за работа на ЈОРСМ.

Антнио Јолевски, рече дека Раичевиќ е кандидат од ОЈО Скопје и дека без да се впушта во оцена на нејзината обвинителска работата рече дека не може успешно да одговори во делот на организаторските капацитети.

Слично мислење имаше и Иџет Мемети. Тој рече дека за Раичевиќ не е целосно уверен дека ќе може целосно да одговори, со оглед дека по затворање на огласот ѝ „паднал” еден предмет во Кривичниот суд.

„Не сум целосно убеден дека има добри капацитети. Моето мислење ќе биде негативно, затоа што мислам дека нема да може да се постави и од аспект на организациски и од аспект на стручност, изјави Мемети.

На огласот за нов државен јавен обвинител пријавени беа тројца кандидати – Фатиме Фетаи од Вишото јавно обвинителство Скопје, Лидија Раичевиќ од Основното јавно обвинителство Скопје и Љупчо Коцевски од Јавното обвинителство.