Во скопско Лисиче општината и градоначалникот Муцунски ги победија граѓаните
Контроверзниот ДУП три пати се менуваше, најпосле стигна тајно на дневен ред во Советот на Аеродром по предлог на градоначалникот Муцунски
Долги месеци жителите на Лисиче водеа битка проти планот на Општина Аеродром и нејзиниот градоначалниок Тимчо Муцунски за изградба на нови згради онаму каде што не им е местото. Изгледаше дека лисичани ја добија битката, за синоќа да се испостави дека ја загубија во еден миг.
Главната улога ја одигра градоначалникот Муцунски кој му предложи на Советот на Општина Аеродром го усвои новиот ДУП за Лисиче. Тоа се случи без преходна најава, неочекувано, како дополнување на дневниот ред и овој ДУМ беше изгласан со 16 гласови на советниците на ВМРО-ДПМНЕ. Сите други беа против.
Жители на населбата Лисиче за денеска најавија нов протест, овој пат пред зградата на Општина Аеродром. Претходно, додека се крчаше новиот ДУП, тие во неколку наврати протестираа на крстосницата кај кулите „Џевахир“. Бројно беше нивното присуство и на јавните расправи кои се одржуваа во ОУ „Димитар Македонски“. Сите носеа куп документи да докажат дека не може да се одземат нивните дворови за да прошират улиците или за друга намена, предвидена со новопредложениот ДУП.
„Ве повикуваме сите комшии и активисти против оваа бетонизација да дојдат во 18,30 часот на 30.5.2024 година пред Општина Аеродром и да кажеме уште едно ‘не’ за судбината што ни ја скроија. Се гледаме во 18,30 пред Општина Аеродром“, пишува во објавата на иницијативата „Да го зачуваме Лисиче“ на Фејсбук.
Тие сметаат дека со тоа што ДУП за градска четврт ЈИ0901 блок 09.01, без претходна најава, е ставен на дневен ред за гласање, е оневозможено тој да биде оспорен од советничката група на Левица и од неформалната иницијатива.
„Практично, ускратено ни е правото да се организираме на ненасилен протест со којшто би го блокирале носењето на ДУП“, се додава во објавата од „Да го зачуваме Лисиче“.
Тие велат дека со ваквиот потег, градоначалникот на Аеродром и ВМРО-ДПМНЕ ќе останат запаметени како предавници на граѓаните кои ги гласале.
„Историјата ќе го памети градоначалникот Тимчо Муцунски и партијата ВМРО-ДПМНЕ како предавници на граѓаните кои ги гласале, одејќи против нивната волја, искажана на повеќе од три анкетни листови, а за свои лични и партиски лукративни интереси. Ветивме само чесна и искрена борба против градежната мафија, и останавме достојни на себеси, но корумпираните советници на ВМРО-ДПМНЕ ја одлучија нашата судбина. Овој ден ќе биде запаметен во историјата како ден кога населба Лисиче како што сите ние ја знаеме, умре“, велат од „Да го зачуваме Лисиче“.
Од Општина Аеродром велат дека неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината, затоа што сега веќе изгласаниот ДУП предвидува изградба на една зграда и два парка, а решава важни урбанистички и комунални прашања на граѓаните кои живеат во овој дел од општината.
Од Општината велата дека со донесувањето на урбанистичкиот план тие покажале отвореност, транспарентност и грижа за проблемите на граѓаните, но не објаснуваат зошто речиси тајно точката за ДУП-от во Лисиче беше поставен на дневен ред.
Битка за скопската населба Лисиче. Кој ќе победи – Општина Аеродром или граѓаните
Оттаму велат дека изработката на Деталниот урбанистички план се реализирала транспарентно и во неколку фази, со вклученост на граѓаните и експертската јавност, а добил и позитивно мислење од сите надлежни институции, вклучително и од Министерството за транспорт и врски, Министерство за животна средина и Градот Скопје.
„Потенцираме дека станува збор за Детален урбанистички план кој решава важни, децениски прашања на граѓаните и отвора простор за развој и ново зеленило во општината. Оттука, целосно неточни се тврдењата за наводна бетонизација на општината и тие единствено одат во прилог на дневнополитичките интереси на одредени политички структури, чија деструктивност, неодговорност и несериозност веќе е потврдена во неколку наврати“,
додаваат од Општина Аеродром.
Минатата година во април, жителите на Лисиче реагираа дека со донесувањето на овој ДУП ќе се овозможи бетонизација на населбата и на јавната анкета поднесоа повеќе од 100 забелешки.
Додека општината ги разгледуваше забелешките од јавната анкета, во неколку наврати беа организирани протести на раскрсницата меѓу булеварите „12 Македонска бригада“ и „Србија“, односно пред локацијата за која се однесува Деталниот урбанистички план.
СДСМ: Спорниот ДУП за Лисиче изгласан на „шверцерски“ начин
Советниците од СДСМ и вчера а и денеска реагираат дека градоначалникот Муцунски по три години управување со општината, ќе остане запаметен по нереализирање на ниту еден проект и само по усвојување на ДУП со кој отпочнува бетонизација на Лисиче.
„Спорниот ДУП за градска четврт ЈИ 09.01 за населба Лисиче вчера беше ’шверцерски’ доставен до Советот на Општина Аеродром, како дополнителна точка, непосредно пред почетокот на седницата. Мнозинството на ВМРО-ДПМНЕ во Совет и градоначалникот Тимчо Муцунски одлучија да ја одмолчат дискусијата и не дадоа ниту еден одговор на прашањата поставени од опозициските советници на СДСМ“, реагираа од СДСМ.
Деталниот урбанистички план, додаваат од СДСМ, е изгласан со 16 гласа „за“ и 11 „против“.
Во соопштението наведуваат и дека директниот пренос од седницата на Советот е избришана од официјалниот јутјуб-канал на Општина Аеродром за да биде скриен срам.
За носењето на Деталниот урбанистички план за дел од населбата Лисиче лани медиумите интензивно известуваа откако беше обелоденето дека на локација на која сега има куќи се спланирани девет нови згради.