(ФОТО, ВИДЕО) Нов план за Лисиче: Наместо девет, се нудат три згради – две се повисоки од планираните

Жителите на Лисиче имаат време уште три дена, до 10 јули да достават анкетни листови, по вчерашната презентација на новиот план, иако тие велат дека доставата можат да ја вршат само во работно време, дека во 8 часот наутро нема кој да ги прими анкетите, а дел од нив не добиле одговор ни на првите доставени


Лисичани со безброј прашања за новиот ДУП за Лисиче (Фото: Б. Богдановска)

Во напната, зовриена атмосфера помина вчерашната јавна презентација на новиот ДУП за Лисиче, Урбан блок ЈИ 09.01. Презентацијата се одржа во средата, во ООУ „Димитар Македонски“, а училницата беше претесна да ги собере стотината жители на населбата Лисиче кои дојдоа да ги видат направените промени и новите решенија кои им ги објаснија планерите од „Тајфа-план“ и претставници од Општина Аеродром.

Место првично планираните девет згради на почетокот од Лисиче, планерите од „Тајфа-план“ сега нудат решение со три згради, од кои две кули, повисоки од претходно планираното, и една пониска, со деловни простории на приземјето и првиот кат од страната на булевар „Србија“. Нудат и потесни пристапни улички низ населбата, за кои не се сигурни дека ќе „поминат“ кај надлежните.

Лисичани на мапата си ги бараат имотите (Фото: Б. Богдановска)

Ова ново решение лисичани не го прифаќаат. Се жалат дека им се одземаат квадрати од дворовите, некаде дури и објекти, дуќани, преку кои се исцртани пристапни улички. Се противат и на новоисцртаните високи згради, за кои планерот смета дека може да бидат симболи на населбата, но жителите не сакаат симболи, туку – воздух.

– Ние сме револтирани, со ова што ни се сервира. Баш да видам што тоа ќе ни се подобри животот нам, во Лисиче, со ова што го правите?! Овде имаме ДУП кадешто се предвидени шест куќи. Направете ги тие шест куќи, а другото не дискутираме. Што ни одговарате: „Во вашиот анкетен лист е наведена констатација во однос на ДУП, а не конкретно барање во однос на вашата парцела“. Не ми го креира квалтитетот на животот мојата парцела, ова сѐ, ми го креира квалитетот на живот. Вие не сте преземале ништо од ова што ние сме го предложиле. Донесовме петиција со 750 потписи…“, рече жител на Лисиче, во средата, на јавната презентација на новиот ДУП за оваа градска четврт, по изгработката на нов план.

Жителите претходно поднесоа петиција, претставки, а и два пати протестираа на крстосницата кај крстот, изразувајќи незадоволство од планот да се направат блок згради околу Лисиче, каде има само куќи со дворови.

Лисиче (Фото: Б. Богдановска)

Друг жител на оваа скопска населба се пожали дека му се одземаат речиси 700 квадратни метри од неговата парцела од 2.200 метри, за да се направи пристапна улица, иако до општината доставил приговор на првичниот план. Барајќи си го својот имот на мапата со новите измени, забележа дека и со новиот план улицата поминува низ неговиот двор.

Жител на улица „1“, треба да „даде“ дуќан и дел од дворот, кои ги легализирал, за да се направи пристапна улица, а познавајќи си ги соседите, тврди дека таму живеат само девет луѓе, повозрасни, за кои не ја гледа потребата од широка улица.

– Главните корекции во однос на првиот план е во однос на улиците и тоа претежно улиците коишто се покрај железничката пруга и во однос на линискиот центар, во намената што беше повеќе на згради насочена сега е претежно куќи, само во две градежни парцели се згради, кадешто е редуцирана површината за градба на аголната локација, кадешто аголните локации се поенти, симболи на градот. Планирано е во две кули, со приземје и кат со трговска намена и уште една станбена зграда на бул „Србија“. Другите се куќи. Тоа е генералната измена. Висината на кулите 22 метри. Во населбата нема никаква зграда – објаснуваше планерката.

Од јавната презентација на ДУП за Лисиче (Фото: Б. Богдановска)

Планот е изработен согласно генералниот план на Град Скопје, согласно четвртта ЈИ09 и поделбата на блокови. Предмет на работа е блок 01. Генералната намена во генералниот план е „А“ – домување. Бул „Србија“ е магистрална улица, бул „12. Македонска бригада“ е собирна улица, улици со над 50 метри регулациони ширини, со сите можни профили на сообраќај, велосипедски патеки, дрвореди…

– Планот е за целиот блок со 18,5 хектари, којшто мора да обезбеди пристапност до секоја катастарска градежна парцела и тоа од сервисна, станбена или пристапна улица. Не смее да обезбеди од булевар или собирна улица. Линиските центри не сметаат на населбата затоа што имаат огромна регулациона линија и дистанца и преку улица во однос на висината, што е изолација во однос на хуманото живеење. Имаме информација дека над стотина дивоградби се изградени со овој план. Од тие претставки околу 150 главните забелешки беа со станбени и пристапни профили. Главен напад беше дека голем дел од парцелите се одзема за изградба на пристапни улици. Сега е преработен со пристапни од 3,5 метри, за коишто не сме сигурни дали од сите институции ќе добиеме согласност. Ова е направено по барање од анкетите, најдена е клаузула во правилник кадешто се изградени куќите, не во планирано, туку во некое постојно ткиво, да се обезбеди колски пристап во 3,54 м. Знаејќи ги институциите, скептични сме дали тоа ќе помине – потенцира планерката.

Од презентацијата на новиот ДУП за Лисиче (Фото: Б. Богдановска)

„Втората верзија за деталниот урбанистички план за Урбан блок ЈИ 09.01 дел од градска четврт ЈИ опфаќа значително помал број станбени објекти во споредба со првата верзија, намалување на катноста на станбените објекти кои остануваат, намалување на бројот на новопроектирани улици, зеленило во форма на парковска површина од 2.000 квадратни метри и легализација на повеќе од 100 објекти за индивидуално домување.

Новиот предложен ДУП (Фото: Б. Богдановска)

Изработката и носењето на деталниот урбанистички план за овој дел од Општина Аеродром, првенствено има за цел решавање на инфраструктурните и комунални проблеми на граѓаните, а потоа подобрување на квалитетот на живеење во Аеродром“, велат од Општината.

Тесните улички низ Лисиче што треба да се прошират (Фото:Б. Богдановска)

Жителите на Лисиче имаат време уште три дена, до 10 јули да достават анкетни листови, по вчерашната презентација на новиот план, иако тие велат дека доставата можат да ја вршат само во работно време, дека во 8 часот наутро нема кој да ги прими анкетите, а дел од нив не добиле одговор ни на првите доставени.

Инаку, Призма уште во април објави дека во спорниот дел во населбата Лисиче двајца сопственици на познатата компанија „Голден арт“, Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, имаат во сопственост пет катастарски парцели со вкупна површина од 1.181 квадратен метар, заведени во имотниот лист како ниви.

Според предлог ДУП-от во населбата која сега е само со куќи, се предвидуваа девет згради. Четири од нив на булеварот „Србија“ од кои три осумкатници со приземје, шест ката и поткровје, а зградата на аголот меѓу булевар „Србија“ и улицата „12. Македонска бригада“ е 12-катница со приземје, 10 ката и поткровје. Пет згради има на улицата „12.Македонска бригада“, каде сега се куќи и со новиот план на сопствениците им се дозволуваше да кренат згради од приземје, четири ката и поткровје.

Со овој текст, Независен весник се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од Британската амбасада.