Линиската подземна инфраструктура ќе се впишува во катастарот на инфраструктурни градби
Собранието, денеска, на продолжение на 90. седница изгласа измени на Законот за градење и на Законот за градежно земјиште, по скратена постапка. Законските измени беа донесени со 65 гласа „за“ без „против“ и „воздржани“, без расправа, откако претходно добија поддршка и од матичната собраниска комисија која констатираше дека не се поднесени амандмани.
Според Министерството за транспорт, со измените на Законот за градежното земјиште ќе се воспостави ред во линиската подземна инфраструктура (оптички кабли, телекомуникациска мрежа, водоводни и канализациски системи, гасоводни мрежи, нафотводи итн.) и првпат ќе се овозможи нивно впишување во евиденцијата во катастарот на инфраструктурни градби во Агенцијата на катастарот за недвижностите.
– Целта е да се има јасен увид во целокупната линиска инфраструктура во државата заради соодветно и рационално планирање нови градби од тој тип, се вели во образложението.
Се овозможува и општините да може да располагаат со градежното земјиште предвидено со урбанистички план за технолошко-индустриските зони со цел локалните самоуправи да имаат економски развој и можност за домашните компании полесно да ги реализраат своите инвестициски планови.
Според измените во Законот за градење, за градбите односно опремата кои согласно прописите од областа на електронските комуникации претставуваат радио комуникациски средства – базни станици кои опфаќаат столб и опрема, а кои се поставени или изградени врз основа на проектна документација, може да се издаде решение за нивно изведување односно поставување, доколку се изведени во согласност со параметрите од проектната документација и по изработен извештај за извршен технички преглед од страна на надзорен инженер во кој е констатирано дека градбата може да се употребува, како и од страна на Агенцијата за електронски комуникации издадени согласност за изведување односно поставување на градбата односно опрема и нотификација за пренос на електронски податоци во случај кога градбата односно опремата служи за вршење на јавна дејност.
Предвидено е и да се подобрат условите за регулирање на имотно-правниот статус на базните станици на телекомуникациските компании, а преку тоа и да се овозможат поквалитетни и поефикасни телекомуникациски услуги за граѓаните.
Се зголемува и нивото на квалитет на технички преглед на градбите од прва категорија преку зголемување на критеруимите за формирање комисија за технички преглед и професионален пристап за спроведување на техничките прегледи на градбите од прва категорија.
– Се дорегулираат условите во однос на видот и годините искуство кои треба да ги исполнуваат лицата кои вршат технички преглед на градби. Исто така, за да бидат назначени од редот на запишани експерти во Регистарот за издадени и одземени овластувања кој се води во Комората
на овластени архитекти и инженери, самата Комора треба да достави претходно предлог-листа на експерти во зависност од видот и категоријата на градбата согласно нивното специфично искуство и референци. Се прецизира и дека во зависност од видот на градбата предмет на технички преглед како дополнителни членови на Комисија за технички преглед ќе бидат и лица од редот на вработените во соодветниот орган на државна управа. Се воведува и рок за формирање на комисии за технички преглед, се вели во законските измени.