Лимани најави „Дом за млади – купи куќа за младите“ и поддршка за фирмите кои ќе вработат мајки на три или повеќе деца


Зголемување на еднократната финансиска поддршка за прво и второ дете, како и еднократна финансиска помош за третородено дете и повеќе, финансиска поддршка за мајките кои се вратени од породилно отсуство, ин-витро  постапка со можност секоја жена да добие до шест бесплатни оплодувања, „дом за млади – купи куќа за младите“, поддршка за фирмите кои ќе вработат мајки на три или повеќе деца и програма „Добродојдовте дома“ за поддршка на лицата кои ќе се вратат од странство, како и за стимулирање на останување во државата, односно спречување на одливот на мозоци, најави денеска министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.

На прес-конференција по повод сработеното во првите 100 дена, Лимани информира дека Планот за демографија предвидува мерки за поттикнување на наталитетот.

-Сто дена Влада, значи сто дена посветеност. Затекнавме закочени проекти, неисплатени средства, демотивирани вработени, но, пред се, разочарани граѓани од целокупната состојба во државата. Сто дена не се многу, но во овој период направивме значајни промени кои го подобрија животот на граѓаните и тука нема да застанеме. Нашата цел е да ги задржиме младите дома, да ги поддржиме семејствата, да обезбедиме достојна старост за највозрасните сограѓани и да обезбедиме поддршка за ранливите, нагласи министерот.

Тој потсети дека околу 340 000 пензионери на 1 октомври добија за 2 500 денари повисоки пензии, а на први април ќе добијат, рече, уште толку. Се осврна на поддршката за младите и општините, на инвестициите во градинките, центрите за лица со попреченост и останатите проекти.

-Владата обезбеди 250 милиони евра за капитални инвестиции за општините. Пристигнати се 357 проекти од околу 80 општини. Дел од нив се и за градинки и центри од областа на социјалната заштита. Во изминативе 100 дена поставивме камен-темелник на две нови градинки во Општина Бутел, во вредност од 100 милиони денари и во Општина Гази Баба, населено место Трубарево, во вредност од 19 милиони денари. Почнавме со градежни активности за доградба на објектот „Изворче” при градинката “Срничка”, Општина Аеродром, инвестиција вредна 120 милиони денари.  Во завршна фаза се измените на Законот за детска заштита што ќе овозможи добивање лиценци за негуватели и воспитувачи и ќе се отвори простор за вработување над 800 лица, потенцира Лимани.

Според него,  пуштена е во употреба доградбата на градинката „Гоце Делчев“ во Општина Илинден, завршени се и градинките во населените места Јегуновце, Теарце, Тетово,  Липково и Шуто Оризари, а во завршна фаза се и градинките во Општина Чаир, Прилеп, Битола и Св.Николе – с.Ерџелија. Градежни работи, дополни, течат во уште 13 градинки.

-Покрај инвестициите во Детски Градинки, инвестираме и во центри за лица со попреченост, како и домови и центри за највозрасните лица. Почната е изградба на дневен центар за лица со телесна или ментална попреченост во Општина Кавадарци, проект вреден над 40 милиони денари, а тече и процесот на реконструкција  и адаптација на крило во  дом за стари лица во Берово, во вредност од 11 милиони денари. Почнавме  постапки за нови четири објекти и во тек е комплетирање на документација и склучување на договор за изведба. Два од нив се за  вон семејна заштита на повозрасни лица во Крива Паланка и Кавадарци, и два за лица со попреченост во Боговиње и Македонски Брод. Опфатени се сите делови на земјата, се инвестира онаму каде што општините изразиле интерес за потребите на своите жители, истакна министерот.

Грижата за младите, посочи, се потврдува со поставување неколку стратешки цели: зголемено учество во носење одлуки на локално и централно ниво, младинска работа преку подготовка и донесување закон за младинска работа и зголемување на бројот на отворени сервиси за млади во општините, поддршка на млади талентирани лица, поддршка на младите во дeлот на нивното вработување,  и на ангажман во насока на целосно спроведување на Законот за младинско учество и младински политики.

Според Лимани, во завршна фаза е реконструкцијата на Заводот за рехабилитација на деца и младинци – Скопје, Топанско Поле кој се трансформира во Ресурсен центар за социјални услуги. 

-Во изминативе 100 дена се склучени нови 10 договори со општини и лиценцирани даватели на социјални  услуги, односно услуги во домот и услуги во заедницата. Министерството обезбедува средства за услугите по завршувањето на финансиската поддршка со грантот од Светска Банка. Во рамките на јавни установи за згрижување деца со воспитно-социјални проблеми и нарушено поведение со финансиска помош од Светска банка и Европската унија направен е предлог проект за реконструкција за дел од установата за отворање на Советувалиштен центар за деца во ризик. Одобрена од Европска Комисија е ИПА 3 Оперативна програма „Човечки капитал“, каде влегуваат „Гаранција за Млади“, вработувања на ранливи категории, социјално претприемништво, социјален дијалог, социјални услуги, социјално домување. Грант од ЕУ, информира министерот.