Лимани ќе ги тера социјалните работници непосредно да се сретнат со жртвата, не само по телефон!
По денови молк, вчера министерот за социјална работа, демографија и млади Фатмир Лимани излезе пред јавноста да каже што се случувало пред Ивана и Катја да скоконат во смрт, откако со години биле жртви на насилство во семејството.
Сепак, министерот не даде речиси никкави одговори во врска со конкретниот случај, а откри фрапантен детал, дека социјалните работницви, кои работеле на овој случај само телефонски и административно контактирале со жртвата, а не непосредно.Тоа го окарактеризира како пропуст.
Веднаш потоа се префрли на фалби за тоа како ќе се менува законот за социјалните работнци да имаат поголема слобода при постапувањето и да се здобијат со статус службено лице.
Нагласи и дека ќе работат на поголема меѓуинституционална соработка, ако се знае дека во вакви случаи се надлежни и полицијата и социјалните служби и обвинителството и судот, па и невладините огранизации, психолози, социолози, таа сорабтока е неминовна. Зошто досега не соработувале доволно, министерот не одговори!
Еве го неговот обраќање: „Како министер за социјална политика, демографија и млади, чувствувам лична и институционална обврска отворено да ѝ се обратам на јавноста во врска со актуелниот случај кој предизвика сериозна загриженост. Согласно новo пријавените наоди односно случката во Клиниката за дигестивна хирургија, се јави потреба инспекцискиот надзор да продолжи со цел целосно и темелно утврдување на фактичката состојба како во однос на новопријавените информации, така и во однос на целокупното досегашно постапување по предметот.
За мене како министер и за министерството, е од суштинско значење секој факт да биде внимателно проверен, а секоја околност правилно утврдена. Во однос на извршениот инспекциски надзор, неправилностите кои се констатирани се однесуваат на пропуст во делот на остварување на непосреден контакт со жртвата, односно вршење на непосреден увид во домаќинството, иако стручните работници телефонски и административно контактирале со жртвата со закажана средба помеѓу жртвата и стручниот работник од центарот.
Воедно, најавуваме дека во најбрз можен рок ќе пристапиме кон изменување на Законот за социјална заштита и Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, особено во делот на прекршочните одредби што се однесуваат на стручните лица, одговорните лица и правните субјекти, како и зголемување на овластувањата на стручните работници кои учествуваат во постапките на семејно насилство и стекнување статус на овластено службено лице при водење на постапка за заштита од семејно насилство.
Паралелно, ќе работиме на дополнително зајакнување на меѓуинституционалната соработка, затоа што во случаи на насилство навремената и координирана реакција на институциите е од пресудна важност.
Сакам јасно и недвосмислено да порачам: секое евентуално пропуштање, ненавремено постапување или непочитување на законските обврски мора целосно да се утврди. Доколку се констатира одговорност, таа мора да биде превземена согласно закон, без исклучок.
Заштитата на жртвите на насилство и превенцијата од семејно насилство се наш врвен приоритет. Како општество, им должиме сигурност, поддршка и правда на сите граѓани. Затоа нема да дозволиме евентуални институционални слабости да останат неадресирани.
Министерството будно ќе го следи овој случај и ќе преземе сè што е во негова надлежност за да се обезбеди целосна одговорност, но и да се зајакне системот на заштита. Апелирам до сите институции, професионалци и чинители во системот да постапуваме одговорно, координирано и со највисоко чувство за човечка и професионална должност. Само така можеме да изградиме систем што навистина ги штити најранливите“, порача Лимани.