Лидерската се сведе на средба на една мала маса

Само петмина политичари седнаа во Клубот на пратениците - тројца од власта и двајца од опозицијата. Зошто го немаше Максим Димитриевски од ЗНАМ?


Пред почетокот на лидерската средба

 

По еднонеделна политичка врева околу неочекуваниот повик на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба на која ќе се разговара за укинувањето на техничката влада, реформските закони и други прашања (промената на уставот не беше спомената) денеска точно напладне во Клубот на пратеници седнаа само петмина политичари. Освен Мицкоски (како претставник на коалицијата околу ВМРО-ДПМНЕ), таму беа генералниот секретар на ЗНАМ, Горан Минчев, градоначалникот на Тетово, Билал Касами; а од опозицијата лидерите на ДУИ и Левица, Али Ахмети и Димитар Апасиев.

Како и што најави, на средбата не присуствува претседателот на СДСМ, Венко Филипче. За него беше оставено празно столче до Мицкоски.

Ако ги исклучиме лидерите на двете опозициски партии за претставниците од владејачката коалиција има најмногу прашања зошто токму тие се таму. Минчев е дел од владата на Мицкоски како министер за јавна администрација и заедно се постојано на седниците на владата, а несомнениот лидер на ЗНАМ, градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, одбегна да дојде на средбата. Без да се понуди доволно добро објаснување.

Исто така, нема доволно добро објаснување зошто на средбата како претставник на „Вреди“ не е градоначалникот на Чаир и претседател на Демократското движење, Изет Меџити, кога тој има најголема политичка тежина во тројната коалиција. Генерално, Меџити го снема од политичкиот дискурс по локалните избори и неговото заминување од местото вицепремиер. Така на лидерската дојде претседателот на Беса, Била Касами.

Интересно е што на средбата не дојде претседателката на ЛДП, пратеничката Моника Зајкова, иако нејзината партија немаше негативен став кон оваа идеја на Мицкоски. Но можеби работите се променија отако ВМРО-ДПМНЕ жестоко ја нападна Зајкова во Собранието во расправата за измените на Кривичниот законик, обвинувајќи ја дека таа била еден од виновниците за претходните измени ссо тоа што останала во салата за да има кворум. Иако речиси целата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ беше во салата за да се обезбеди кворумот, а потоа од измените на Кривичниот законик најголема полза да имаа членови на партијата.

Во парламентот има и други партии, на пример двете крила на Алијансата за Албанците, кои настапуваа од различни страни на последните парламентарни избори, но ниту едно од тие крила нема претставник на лидерската средба. Не е познато дали добиле покана или не, иако претходно во најавите се зборуваше дека повикот ќе биде до сите парламентарни партии.

Венко Филипче го одби повикот за лидерска средба за укинување на техничката влада обвинувајќи дека Мицкоски „бара алиби за распишување предвремени избори“. Денеска генералниот секретар на СДСМ, Александар Димитриевиќ, рече дека не одат на средба со политичари кои не сакаат реформи за влез во ЕУ, туку покритие за нивниот наводен криминал и корупција. СДСМ рече дека тие што ќе присуствуваат на лидерската ја легитимираат корупција.

Али Ахмети дојде на лидерската со главен став да се направат уставните измени и Македонија да излезе од ќор-сокакот кон ЕУ, а за Апасиев е најважно да се промени изборниот модел и Македонија да биде една изборна единица. (Н.В.)