Лидерска средба ќе има утре, но главно во владин состав
СДСМ објави дека нема да учествува на средбата, Левица прифати. Другите опозициски партии засега не се изјасниле
Утре во Клубот на пратениците ќе се одржи лидерска средба што ја свика премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, но уште не се знае кој ќе дојде. Според досегашните најави на неа ќе бидат владините коалициски партнери, но не се знае кој од опозицијата ќе присуствува. Едно е јасно – СДСМ нема да биде дел од оваа лидерска средба, како што неколку пати најави лидерот на партијата, Венко Филипче.
Според најавите, на неа ќе треба да се разговара за реформските закони од правосудството, за изборот на народен правобранител, за Изборниот законик и за укинување на техничката влада, но и за други прашања на предлог на учесниците на средбата.
Од коалициските партнери во Владата на средбата се очекуваат претседателот на ЗНАМ и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, а од коалицијата „Вреди“, градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Од трите опозициски пратенички групи, засега потврда за учество има само од Левицата.
ДУИ денеска попладне на седница на генералниот совет на партијата ќе донесе одлука дали нејзиниот лидер Али Ахмети ќе учествува на состанокот.
Како што информира на денешната прес-конференција координаторот на пратеничката група на „Вреди“, Беким Ќоку, рече дека коалицијата на лидерската ќе биде претставена од Билал Касами. „Ние ја прифативме поканата и одлучивме да одиме налидерската средба. Таму ќе присуствуваме јас како координатор и Билал Касами како еден од лидерите на ‘Вреди’. Во поканата нема конкретни прашања“, рече тој.
Во однос на пржинската влада, Ќоку нагласи дека не ѝ прилега на една земја што преговара за влез во ЕУ да има техничка влада, како и дека земјата на локалните избори докажала дека и без пржинска влада може да организираат фер и демократски избори.
Левицата најави дека прифаќа да се укине техничката влада, но само ако се воведе една изборна единица, а пратеникот Амар Мециновиќ вчера на прес-конференција во Собранието информира дека Левица ќе присуствува на најавената лидерската средба.
„Како парламентарна партија, која една и пол година се обидува да воспостави комуникација со парламентарното мнозинство преку предлагање закони, преку консензус за некои државни прашања, сметаме дека сега е времето да влеземе во конструктивен дијалог – изјави Мециновиќ.
Лидерската средба ја поздравија и ЛДП и ДОМ. ЛДП изрази подготвеност да учествува на лидерската средба, но ако на не не се разговара само за укинување или задржување на техничката влада како изолирана и празна тема туку заради одговори на клучните прашања, кои директно го засегаат животот на граѓаните.