Лидерот на социјалдемократите во Битола си поднесе оставка

Методија Куновски не е во новиот тим на Венко Филипче. Тој беше избран за прв човек на битолските социјалдемократи пред 14 месеци


Методија Куновски

 

БИТОЛА – Методија Куновски поднесе оставка од претседател на ОО на СДСМ Битола, еден ден по изборот на Драган Крајовски во Извршниот одбор како дел од новиот тим на лидерот Венко Филипче.

Куновски, кој дојде на чело на ОО на СДСМ Битола во ноември лани, попладнево на Фејсбук објави дека оставката ја доставил лично до претседателот Венко Филипче. Куновски на последните локални избори во Битола беше кандидат за градоначалник, предизвик кој никој не сакаше да го прифати, со оглед на извесноста дека СДСМ ќе загуби.

Куновски пишува: „Одлуката ја донесов по темелна и одговорна лична и политичка проценка. Таа е резултат на подолг процес во кој, како претседател, се соочував со сериозна дилема помеѓу чувството на обврска и одговорност кон организацијата и впечатокот дека принципите што јавно ги застапуваме, во пракса сѐ потешко се остваруваат. Социјалдемократијата во која верувам, не е декларација, туку вредносен систем што мора да се живее секојдневно – низ транспарентност, вклученост и политичка одговорност“, напиша Куновски, инаку поранешен новинар  а сега вработен во прес службата на РЕК „Битола“, позиција која ја доби со доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 година.

Куновски образложува дека функцијата претседател на ОО на СДСМ Битола ја прифатил со искрена и чесна намера да придонесе во јакнењето на организацијата, нејзино отворање кон членството и враќање на довербата кај граѓаните, но вели: „За жал, во текот на изминатиот период сѐ поизразени станаа практики кои не се во согласност со моите лични принципи, како и со вредностите на социјалдемократијата“.

Без да ги конкретизира проблемите во партијата Куновски наведува-

„Не можам и не сакам да носам функција без суштинска можност за влијание, ниту да бидам формално присутен во процеси со кои суштински не се согласувам. Сметам дека политичката и моралната одговорност налага јасен став и чесен чекор, особено кон членството и кон граѓаните на Битола“, вели Куновски и се заблагодарува на членството.

Синоќа лидерот на СДСМ Филипче се одлучи во највиското партиско тело, Извршниот одбор, да го врати Драган Крајовски, кој беше претседател на ОО на СДСМ Битола пред Куновски. Крајовски е своевидна замена за потпретседателот и член на ИО разрешениот Методија Илиевски.

Драган Крајовски во март 2022 година беше назначен за  лидер на општинската организација на СДСМ Битола. Тој беше разрешен во октомври 2024 година, кога за претседател на ОО на СДСМ беше избран Куновски.

Оттука, битолчани велат дека Крајовски се „враќа“ на голема врата во партијата.

Крајовски е правник по професија, адвокат, а за време на СДСМ беше  директор на затворот „Црн Мост“ во Битола.

Крајовски во својата партиска кариера беше и лидер на младината на СДСМ во Битола и поранешен член на Централниот одбор на СДСМ. Крајовски важеше за близок до поранешниот директор на ЕСМ, бегалецот Васко Ковачевски. (А.Б.)