Како зборуваше Латинка Перовиќ | ЖЕНАТА КОЈА ОБЕЛЕЖА ЦЕЛА ЕДНА ЕРА (7)

Либералите беа последната шанса за Југославија

Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ ја отфрлаа арбитрарната улога на Тито, но го почитуваа неговиот легитимитет. Никезиќ секогаш мислеше – ние треба заедно со Тито да преминеме во нова фаза на развој, а не против него

Недим Сејдиновиќ

Тито играше двојна улога за време на студентските протести во 1968. Од една страна ги поддржуваше студентите, а од друга страна застана зад конзервативните кругови кои беа против либералните раководства

Во октомври 1972 година, во Србија беше извршена голема политичка чистка: беа сменети повеќе од 6.000 политичари, стопанственици и медиумски работници кои припаѓаа на либералната политичка опција. Тие се залагаа за економски и економски реформи, модернизација и европеизација на Србија и поранешна СФРЈ и воспоставување нови односи меѓу републиките.

Покрај Марко Никезиќ, главна фигура на либералната Србија беше и историчарката Латинка Перовиќ, која беше секретар на Сојузот на комунистите на Србија од 1968 година до нејзината смена.

Во интервјуто за хрватскиот онлајн магазин „Лупига“ направено од Недим Сејдиновиќ во август 2019 година Латинка Перовиќ ја објаснува технологијата на таа смена и улогата што ја одигра Тито. Деталите што ги соопштува се важни за да се добие слика како функционираше Југославија во последната декада од владеењето на Тито. Ова интервју ќе го објавиме во три продолженија. Во него Перовиќ зборовува и за Хрватската пролет и блиските односи што ги имала со Савка Дапчевиќ-Кучар.

 

Како сега, од оваа позиција, гледате на периодот на смена на либералните кадри во српската политика во 1972 година и на настаните што следеа по овој процес? Дали уште тогаш беше можно да се предвиди што ќе се случи со Југославија речиси 20 години подоцна?

Мислам дека последната етапа од владеењето на Тито, од почетокот на седумдесеттите до неговата смрт, јасно навестуваше што ќе се случи потоа. Како и другите гарнитури во републиките на СФРЈ дојдовме на власт на републичките конгреси кои му претходеа на сојузниот. Секаде на чело на партијата дојдоа млади луѓе кои пораснаа, се формираа и се школуваа во периодот по Втората светска војна. Се веруваше дека се случи мирна промена на генерациите, што инаку е многу болно за секоја револуција. Треба да се има предвид дека на политичките промени им претходеа студентските немири и двојната улога на Тито. Тој од една страна ги поддржуваше студентите. Иако студентските протести беа дел од студентските немири ширум Европа, кај нас тие беа сосема различни во однос на целите: во Белград, фокусот беше на критиките на социјалните разлики, приватизацијата и почетоците на пазарот. Филозофското списание „Праксис“ одигра многу важна улога во тоа. Филозофот Михаило Марковиќ, учесник и стратег на студентските демонстрации, во своите мемоари „Јуриш на небо“ напиша: Успеавме да ја урнеме реформата! Значи, тој беше свесен за улогата што ја одиграа протестите. Луѓето го губат од вид фактот дека општеството беше конзервативно, резервирано кон промени и турбуленции. А потоа дојде интервенцијата на Варшавскиот пакт во Прага. Тоа беше важна демаркациска линија која покажа дека нема социјализам со државна сопственост, партиски монопол и човечки лик. Тоа беше брутално скршено. Треба да се има на ум дека во тоа време не се зборуваше за распадот на Советскиот Сојуз и дека Студената војна сè уште траеше. Сето ова им претходеше на овие настани, односно крајот на можеби последниот обид да се воспостави реформски, либерален и европски курс во југословенската Комунистичка партија. Останатото се последици.

 

Судирот меѓу полицијата и студентите кај подвозникот во Белград му претходеше на Вашето доаѓање и на Марко Никезиќ на чело на Сојузот на комунистите на Србија?

Тој конфликт прерасна во легенда, мит, а се поврзуваше со Петар Стамболиќ. Иако во тој момент беше само една година на чело на партијата, тој реши да се повлече, а неговата идеја беше Марко Никезиќ да се кандидира за претседателската функција. Никезиќ беше предвоен илегалец, војната ја помина во Србија, по војната кратко време остана во Белград, а потоа беше во дипломатска служба: беше амбасадор во Египет, Чехословачка и САД, а потоа заменик на државниот секретар за надворешни работи Коча Поповиќ. По пензионирањето на Коча стана и секретар. Белградската партиска организација и либералниот свет во Србија ја поздравија неговата кандидатура. На конгресот бевме избрани на листа со неколку кандидати, и тоа не со некое апсолутно мнозинство, како што беше на комунистичките конгреси. За тоа време и под тие услови тоа беше демократски метод. Никезиќ долго време беше одвоен од Србија и постапуваше многу мудро и претпазливо. Тој беше нов човек за Србија, а новинарите веднаш го почувствуваа тоа – рекоа дека користи поинаков, нов јазик во политиката. Тој јазик ја придвижи Србија кон себе, кон модернизирање на економијата, кон отвореност спрема новите генерации, ново знаење, посветеност на демократизацијата, се разбира не во смисла на повеќепартиски систем, бидејќи тоа беше прерано и нереално. Никезиќ рече дека би било самоубиствено да се залага за повеќепартиски систем во тоа време, но се работеше на зајакнување на автономијата на реалните институции, како што се синдикатите и младинските организации, владата, собранието, без директивната улога на партијата. Имаше и кадровски промени во локалните организации. По заминувањето на Ранковиќ, Србија почувствува еден вид полет, некој подем. Од друга страна, иако не беа јасни мотивите за заминувањето на Ранковиќ, беше јасно дека во Србија е создадена коалиција на различни елементи, од членови на Информбирото, преку четници, до припадници на безбедносните служби.

Студентските демонстрации во 1968 прераснаа во легенда, па дури и мит. Тие му претходеа на доаѓањето на Никезиќ и Перовиќ на чело на Сојузот на комунистите на Србија

 

Каков беше односот на либералите кон Југославија, односно кон федерацијата?

Ја отфрливме политиката на поистоветување на Србија со Југославија. Се залагавме за сложена Југославија, како што се залагавме за сложена Србија. Сметавме дека е невозможно ефикасно да се управува од еден центар. Се залагавме за автономија на Војводина и се покажа дека периодот кога Војводина имаше автономија, по Уставот од 1974 година, беше период на нејзиниот најбрз развој. Дури тогаш почна да го достигнува нивото што го имаше пред Првата светска војна. Вмрежувањето и зголемувањето на бројот на центри за одлучување го видовме како зголемување на енергијата на општеството, како демократизација. Имавме нов јазик и со Албанците, а и таму растеше нова, помлада генерација политичари. Клучни за измените и усвојувањето на Уставот од 1974 година беа 1971 и 1972 година. Српското и југословенското партиско раководство не постапуваа на иста линија. Бевме за договор меѓу републиките, сметавме дека Југославија е она за што ќе се договорат републиките. Побаравме да престане поистоветувањето на Србија и Југославија. Никезиќ тогаш рече: Србија нека се сврти кон себе. Сметавме дека републиките се национални држави, а не етнички, и дека функциите на федерацијата треба да се сведат на минимум, и тоа на ефикасен минимум: на надворешната политика, монетарната политика и безбедноста. Отпорот кон тие процеси беше голем.

 

Од каде доаѓаше отпорот?

По заминувањето на Ранковиќ, по Чехословачка и студентските немири, во земјата се почувствува тренд на демократизација. На тоа реагираше старата гарда која беше повлечена. Тито повторно ја активираше. Во меѓувреме се случи и Хрватската пролет, хрватското национално движење, кое, всушност, беше за отворена дискусија за отворените прашања, пред сѐ во економијата, надворешната трговија, девизниот режим и туризмот. Тие прашања не беа на агендата на југословенските институции. Тито често комуницираше со републичките раководства, а во тие интерни дискусии ќе го поддржувал секој поединечно. Секој со подршка на Тито излегуваше во јавноста и како краен резултат ќе избиеше некаков судир, објективен судир. Често ќе нѐ прашаше што им забележуваме ние на Хрватите. Ние одговоравме: слушајте, ние одржуваме врски со нив, се среќаваме, има комуникација, тоа што им го забележуваме ним ќе им го кажеме. Значи, ја отфрлавме неговата арбитрарна улога, а во исто време го почитувавме неговиот легитимитет. Никезиќ секогаш мислеше – ние треба заедно со него да преминеме во нова фаза на развој, а не против него.

 

На вашите промени претходеше смената на хрватското раководство.

Да, тоа беше темелна чистка во Караѓорѓево. Таа пресметка со хрватското раководство беше во традицијата на пресметките на Коминтерната. Поканувате едно раководство, а потоа му судите. Ние некако знаевме дека сме следни во редот. Затоа што тоа беше курсот.

 

Како изгледаше тоа?

Почна многу брзо. Тито се договорил со Дража Марковиќ пред пресметката со Хрватите, а за нивната средба дознавме од новинарите. Прво, почнаа приговорите за српското раководство дека сме опортунисти, дека сме премногу либерални, дека сме конфузни, дека ја слабееме револуционерната улога на партијата. И тогаш почна полициската работа: врбување луѓе, притисок врз луѓето… Тоа беше многу тешка атмосфера, а потоа во почетокот на октомври беше закажана средба на Тито со српското раководство. Тоа се претвори во средба меѓу Тито и 40 луѓе кои од крајот на војната до тој момент значеа нешто во политичкиот живот на Србија. Мнозинството настапуваше верувајќи дека на чело на партијата во Србија има луѓе кои го разбираат времето. Тито потоа одржа говор во кој рече: не е важно што мисли мнозинството, ние сме револуционерна партија. Пред тоа тој даде интервју во кое нагласи дека партијата ја губи власта и дека мора да се врати на позициите пред Шестиот конгрес. По разговорот, раководството на Војводина ги прифати критиките и изрази подготвеност да остане на функцијата. Јас и Никезиќ веднаш рековме дека не можеме да го направиме она со што не се согласуваме и дека поднесуваме оставка.

Либералната двојка на Србија – Марко Никезиќ и Латинка Перовиќ, која донесе нов полет и нов јазик во политиката

 

Како реагираше Тито на вашите оставки?

Нѐ прими, нѐ убедуваше, но бевме одлучни. Се сеќавам, јас и Никезиќ одевме со автомобил на последниот разговор со Тито. Тогаш му реков на Никезиќ: Знаете, побрзо би одела во затвор отколку пак во ЦК! Не сакав да ги „чистам“ луѓето, да ги апсам. Ми рече да бидам мирна. Го свикавме Централниот комитет, не вршевме харанга, а имаше и такви што рекоа дека треба да бидеме радикални и повикаа на бунт против Тито. А тоа не беше реално, бидејќи Тито ја имаше војската, полицијата, партијата со себе, ја имаше таа состојба на умот во општеството. Бунтот против него е смртоносен, велеше Никезиќ. Се повлековме и никој ништо не ни понуди, иако Тито во тој разговор даваше различни ветувања. Никезиќ побара пензија – многу читаше, се посвети на вајарството. Јас ѝ се посветив на науката, но во 1972 и 1973 година забележав сѐ, сè што се случи од доаѓањето па до крајот. И тоа ми помогна да се извлечам од сето тоа, да направам сметка со себеси. Не мислев дека тоа го пишувам за историјата.

 

Зборувате за вашата книга „Затворање на кругот“?

Да. Никезиќ знаеше дека забележав сè, но никогаш не побара да го прочита тоа, ниту јас му понудив. Имаше 12 големи тома. Кога тешко се разболе, секој ден одев кај него. Универзитетската библиотека беше блиску до неговиот стан. Еднаш ме праша што направив со „оној ракопис“. Мислев дека заборавил на него. Искрено, мислев да се ослободам од тој ракопис, затоа што ни душкаа по становите кога одевме на одмор. Зошто да се оптоварувам со тоа, мислев само да не им дојде при раце. Му велам на Никезиќ: „Да ви кажам право, мислам да се отарасам од тоа“. Тој вели: „Немој да го правиш тоа, донеси го да прегледам“. Му го однесов, тој многу внимателно го прочита и ми даде неколку предлози што ги спомнав во предговорот на книгата. Веќе е деведесетта година, тој умира. Тој рече: „Слушајте, суво е и прецизно, нема емоции, тоа е приказ на нашата политика, објави го тоа поради мене“. Имав добри односи со луѓе од Сараево, од издаваштво, и тие слушнаа дека го напишав тоа. И рекоа: „Дајте ни го тоа нам“. И им го дадов. Воопшто не го препрочитав. Слушајте, Латина, ќе го објавиме, ми рекоа тие. И го објавија, но потоа избувна војната и издавачката куќа „Свјетлост“ изгоре. Книгата никогаш не дојде во Белград, но стигна до истражувачите. Цитирана е и од наши и од странски историчари, сега кога луѓето се вратија на тие теми. Неодамна, сараевскиот University Press го објави второто издание. Интересно е дека овде во Белград никого не го интересира тоа. (Продолжува)