Левица стана портпарол на Москва


Политичката партија Левица викендов го осуди гласањето на Македонија во Генералното собрание во ОН, каде што со 112 гласови „за“ беше усвоена нацрт-резолуцијата за ,,Борба против глорификација на нацизмот, неонацизмот и другите практики кои придонесуваат за поттикнување на современите форми на расизам, расна дискриминација, ксенофобија и нетолеранција“.

Реакцијата на Левица уследи откако руската амбасада исто така објави дека нашата земја е меѓу 50 држави „кои не се против осуда на расизмот и глорификацијата на нацизмот и не сакаат да ја осудуваат ксенофобијата“, што на прв поглед звучи дека Македонија од идеолошки и недемократски причини била меѓу оние што решиле да гласаат против.  

Вака изваден од контекст ставот на Македонија испаѓа проблематичен, но она што повеќе загрижува е вадењето од контекст на резолуцијата и улогата што си ја дала Левица промовирајќи ги ставовите на Русија за нашата држава, ставајќи се практично во „устата“ на Москва.

Од она што може да се види од објавеното во Обединетите нации, станува збор за резолуција што секоја година ја предлага Русија како наводно голем „борец против фашизмот и нацизмот“, но која по војната што ја почна во Украина и однесувањето таму доби друг контекст поради кој демократските земји не ја гласаат. Москва практично ја злоупотребува и ја инструментализира резолуцијата на ОН за да ја оправда својата политика кон Украина, во која тврди дека се бори за да се справи со „нацизмот“ на актуелниот државен врв во Киев. Ваквиот контекст тешко дека не го сфатиле во Левица, но сепак својата реакција за ставот на Македонија ја преставија во друго светло – дека со неа се загрозува нашата позиција во спорот со фашизмот на Бугарија и генерално кон фашизмот. 

За да не биде сфатена погрешно, објаснување за резолуцијата и зошто гласале против неа, објавија и од ЕУ.     

-Втората светска војна донесе болни поделби во Европа и за многу европски земји крајот на војната не донесе слобода, туку дополнителна окупација и експлоатација, поголема репресија и злосторства против човештвото од страна на други тоталитарни режими, вклучително и Советскиот Сојуз.Нашата заедничка борба против современите облици на екстремистички и тоталитарни идеологии, вклучително и неонацизмот, е и останува клучен приоритет. ЕУ цврсто стои против сите форми на антисемитизам, кој е некомпатибилен со основните вредности и принципи на кои е основана ЕУ. Сепак, силно ја осудуваме политички мотивираната злоупотреба на наративот на антинацизмот и недвосмислено ја отфрламе неточната и несоодветна употреба на терминот „деназификација“ за да се оправда руската нехумана, сурова и незаконска агресивна војна против Украина, чии континуирани влијанија се страшни не само за народот на Украина, туку и за луѓето ширум светот.Под лажен изговор дека се бори против нацизмот, Русија ги врати ужасите на војната во Европа, заедно со потсетувањето дека мирот не може да се земе здраво за готово.

Во изминатата година, додека трае агресијата против Украина, видовме како Руската Федерација продолжува да ги злоупотребува и користи форумите на ОН за да го шири овој лажен наратив за нејзината незаконска и неоправдана агресивна војна против Украина. Нека нема сомнеж. Европската унија е целосно посветена на глобалната борба против расизмот, расната дискриминација, ксенофобијата, антисемитизмот, антимуслиманската омраза и поврзаната нетолеранција. Прашањата за растечкиот глобален неонацизам, насилниот екстремизам и расизмот, вклучително и антисемитизмот и антимуслиманската омраза заслужуваат значајна и конструктивна дискусија. Поентата на оваа резолуција е токму да не се бара компромис. целта е со неа да се сее поделба и да се користи  за дезинформации. Поради сите овие причини, земјите-членки на Европската унија ќе гласаат против резолуцијата, стои во објаснувањето на ЕУ.

Македонија, патем, како земја кандидат за членство во ЕУ ја презеде обврската да се приклонува на политиките на Брисел таму каде што е можно. Инаку, за оваа резолуција гласаа 112 земји, 50 беа против а 14 воздржани, а ставот на Македонија го делеа САД, Канада, Украина, Велика Британија, Германија, Франција, Италија, Шпанија, Полска, Естонија, Латвија, Литванија, Австрија, Албанија, Белгија, Бугарија, Данска, Грција, Кипар, Холандија, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Финска , Хрватска, Чешка, Шведска, Австралија, Јапонија, Андора, Босна и Херцеговина, Унгарија, Грузија, Нов Зеланд, Исланд, Ирска, Кирибати, Либерија, Лихтенштајн, Луксембург, Малта, Норвешка, Сан Марино, Северна Македонија, Монако, Молдавија , Маршалските Острови, Микронезија и  Црна Гора.н (С.Ј.)