Левица со пакет предлог-закони за младите парови и родители


Предлог-законите опфаќаат државна помош и гаранција при исплата на станбен кредит, намалување на учеството за станбен кредит, воведување горна граница за кириите, скратено работно време и бесплатен јавен транспорт за младите парови со деца до шест години и слично.

Пратеникот Амар Мециновиќ на прес-конференциja истакна дека овој иницијален пакет од шест предлог-закони произлегува директно од предлози на младите, a целта е да се овозможат подобри услови за формирање на семејство и за стапување во брачна заедница.

Пакетот закони на Левица ги опфаќа следниве предлог-закони:

1. Воведување горна граница на кириите, наместо само долната која постои денес;
2. Државна поддршка за купување на прв дом за млади, односно државна гаранција  95% од станбените кредити и намалување барање за учество за станбен кредит од 15 отсто на 5 отсто, со гаранција од државата да го отплати кредитот на младите;
3. Простување на дел од станбените кредити при добивање второ, трето дете и секое следно;
4. Ваучер од 6.000 денари за неформална родителска грижа;
5. Намалување на работното време на 6 часа за млади родители до шестата година на детето;
6. Бесплатен јавен превоз за родители со деца до 6 години.

Од Левица велат дека државата нема да ги стимулира младите да формираат семејство со дополнителна репресија и нерационални мерки како најавениот данок за немажени и неженети.

Единствен стимул, според партијата, е решавање на горливите проблеми и обезбедување на достоинствени услови за живот.