Левица предлага формирање градско енергетско претпријатие во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе иницијатива за формирање на градско енергетско претпријатие „Енергија Скопје“ ДООЕЛ, чија цел е Градот Скопје конечно да ја намали зависноста од скапото купување електрична енергија и да обезбеди сопствено производство од обновливи извори, се вели во партиското соопштение.
Градот Скопје и јавните претпријатија во моментов плаќаат огромни износи за струја. Наместо средствата да се трошат на комунални услуги, инфраструктура и подобар јавен превоз, тие завршуваат во надворешни снабдувачи, сметаат од Левица.
Со ова решение, Градот ќе може сам да произведува дел од потребната електрична енергија, да ги снабдува своите институции по минимални цени и да продава вишок на пазарот, со што ќе обезбеди нови приходи.
Сопред нив, ова е стратешки проект кој обезбедува долгорочна стабилност и независност, а не краткорочна мерка. Градот има огромен неискористен потенцијал, кровови, објекти и локации каде може да се развијат фотоволтаични централи и системи за складирање енергија.
„Затоа очекуваме мнозинството во Советот, предводено од ВМРО–ДПМНЕ, да ја поддржи иницијативата ако навистина им е приоритет јавниот интерес. Ова не е партиска идеја, ова е решение кое му користи на целиот град. Одбивањето на оваа иницијатива би значело дека некој става политички интерес пред интересот на скопјани, и дека не се сака долгорочно решение за намалување на трошоците, модернизација и енергетска независност“, додаваат од партијата.