Левица прашува: Остана ли роднина на Меџити што ДПМНЕ не го стави на функција?
Најновото именување на зетот на Изет Меџити, Бесим Кока, за директор на Агенцијата за стокови резерви, е уште една коцка во мозаикот на отворен, дрзок и системски непотизам што го практикува актуелната власт на ДПМНЕ-ВРЕДИ-ЗНАМ.
Претходно, прв братучед на поранешниот прв вицепремиер, а актуелен градоначалник, Меџити, беше поставен за директор на МЕПСО. Друг негов братучед за директор на НОМАГАС, а сега и зетот добива раководна позиција во стратешка државна институција. Институциите се претвораат во фамилијарна мрежа, а државата во приватен имот на политичко-роднински клан. Се поставува прашањето дали воопшто некоја роднина на Меџити остана “дискриминирана“, односно без раководна функција?
Мицкоски не само што функционира со кадри на ДУИ, туку ги практикува и со засилено темпо го надградува КЛАНОВСКО ВЛАДЕЕЊЕ, клиентализмот и распределбата на функциите како партиско-семејни привилегии. За година и пол владеење, листата на непотистички и клиентелистички скандали на оваа власт веќе е предолга за набројување. Очигледно, времето за реформи им е кратко, но времето за плетење семејно-партиски мрежи – повеќе од доволно.
Пораката кон јавноста е понижувачка. Според оваа власт, од цела Македонија најспособни се токму роднините и апологетите на владејачката коалиција. Сите други, младите инженери, економисти, правници, лекари – се вишок, статистика, бројка во колоната на иселени. Тие си заминуваат не затоа што нема работа, туку затоа што однапред знаат дека системот не е наштиман за нив, дека вратите се отворени само за оние со соодветна крвна врска и потребна партиска линија“, стои во реакцијата на Левица.