Левица: Министерката Кочоска ги укина надоместоците за плата до избори

Деновиве во сите државни институции било истакннато соопштение дека на работниците нема да им се исплатуваат додатоци и надоместоци од плата, поради изборниот процес за локалните избори!, соопшти Левица.
Ова значи дека работниците во јавниот сектор нема да добијат додатоци и надоместоци за плата, кои се однесуваат на работа за празник, ноќна работа, работа во недела, прекувремена работа итн. На работниците во јавниот сектор им е ускратено и правото за надоместоци на плата како јубилејни награди, за починат член на семејство, теренска работа и слично, посочуваат од партијата.
Расипничката власт на ДПМНЕ до крајот на локалните изборите воопшто нема да ги исплатува овие додатоци и надоместоци на плата, додека истовремено троши милионски суми за службени возила, луксузни патувања на функционерите и тендери на фирми блиски до ДПМНЕ. Очигледно е дека овие средства, дрско украдени од работниците, ќе завршат за предизборната кампања на власта која тоне политички со својот рејтинг, се вели во соопштението.
Работниците, на кои законски им следуваат овие надоместоци, ќе останат со помалку средства на својата сметка само затоа што владата, преку министерката Гордана Кочоска Димитриеска, донела неуставна и незаконска одлука! Согласно позитивните законски прописи, работничките права предвидени со закон и колективен договор не можат никако да се ограничат со акт на работодавецот. До Левица стигнаа голем број поплаки од работници, кои добиле одговор дека сите исплати на плата ќе бидат прекинати до завршување на изборите, велат од партијата.