Левица соопшти дека на утрешната пленарна седница, при гласањето за составот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, нејзината пратеничка група ќе гласа против предлогот поради бруталната партизација на оваа институција и полнење со нестручни кадри, олицетворено преку кандидатурата на Џихан Ахмед, кадар предложен од ВРЕДИ и аминуван од ВМРО-ДПМНЕ.
„Станува збор за кандидат кој не ги исполнува законските услови за избор – нема минимум седум години работно искуство во областа на човековите права, нема релевантно искуство, а на јавната расправа демонстрираше елементарно непознавање дури ни на надлежностите на самата Комисија, како и на основни меѓународни документи како Истанбулската конвенција, иако магистерските студии ги завршила во насоката за меѓународно право и односи. И покрај ова, владејачкото мнозинство свесно турка партиски активист како член на тело кое мора да биде стручно, независно и кредибилно, бидејќи од неговите одлуки зависи статусот на најранливите категории граѓани.
Дополнително брутално исмејување во очите на јавноста е и тоа што кандидатката, иако треба да приложи изјава дека не е носител на партиски функции (чија цел е осигурување на непристрасноста), таа уште официјално неизбрана, јавно му се заблагодари за поддршката на лидерот на ВРЕДИ – Изет Меџити!
Со ваквото однесување, уште пред формално да биде избрана, таа самата ја урнисува секоја илузија за независност и непристрасност и јасно демонстрира дека не доаѓа во Комисијата како заштитник на човековите права, туку како партиски пратеник на коалициските договори меѓу ДПМНЕ и ВРЕДИ. Ова е класичен пример за институционално заробување – орган кој треба да биде коректив на власта и заштитник на дискриминираните, се претвора во партиска испостава, пополнета со лојални, а не со компетентни кадри. Наместо експерти со докажано искуство, се инсталираат политички послушници без основно познавање на материјата, со што директно се загрозува правната сигурност и заштитата на граѓаните.
Одговорноста за оваа брутална деградација на Комисијата ја сноси ДПМНЕ, која со гласањето ја легитимира и спроведува оваа партиска поделба на независните институции, продолжувајќи ја праксата на клиентелизам, непотизам и политичка контрола врз телата кои треба да бидат автономни“, порачуваат од Левица.
„Ова болеше да се слуша. Ова е срам за сите Нас. Ова е порака до сите млади да си бегаат од државата што поскоро.Ја прашува за Истанбулската конвенција (како стратешки документ за заштита од родово-базирано насилство, а таа зборува за Истанбул и Ататурк. Таа а предложена за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (една од најбитните комисии).Буквално појма нема ни за што е предложена ниту што ке и бидат задачите“, беше една од реакциите на социјалните мрежи на одговарањето на кандидатката на Меџити.
Мрежата за заштита од дискриминација исто така упати остар апел до Собранието да не ја именува кандидатката Џихан Ахмед за член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД). Според Мрежата, номинацијата е „несериозна и понижувачка“ бидејќи кандидатката не ги исполнува законските услови и покажала загрижувачко ниво на некомпетентност за време на јавната расправа.
Мрежата потсетува дека Собранието има клучна улога во Поглавјето 23 (правосудство и фундаментални права) и дека напредокот на државата зависи од изборот на компетентни лица кои ќе ги штитат најранливите категории граѓани. Изборот на лица кои не ги познаваат ниту основните поими за дискриминација претставува сериозен чекор наназад во евроинтеграциските процеси.